Костадиновска-Стојчевска: Нашиот македонски јазик е заштитен, недопирлив и единствен

од Stefanija Kuzmanovska

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Сојчевска денеска се обрати на чествувањето на 21 Февруари, Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, од каде што се испрати единствената порака: „Јазиците се важни!“.

„Нашиот мајчин јазик, македонскиот јазик, е реалност во светската ризница на јазици, низ науката, културата и образованието. Заштитен, недопирлив, единствен. Изминатиот период Институтот за македонски јазик ‘Крсте Мисирков’ беше наш партнер во изработката на новиот Закон за употребата на македонскиот јазик, кој е траен влог за нашиот идентитет и посебност. Со ова покажавме и дека научните работници, со поддршка од институциите, се вистинскиот и најсилниот бедем во заштитата на нашата култура и историјата на нашиот јазик“, рече министерката за култура.

Костадиновска-Стојчевска дополни дека министерството за култура, преку годишните конкурси за поддршка на проекти од национален интерес и преку другите механизми, секогаш е партнер и поддржувач на процесите на зачувување и промовирање на мајчиниот јазик, не само на македонскиот туку и на сите јазици што се говорат во нашето општество.

„Горди сме на политиките што ја градат Северна Македонија како граѓанска држава, но и на промоцијата на мултикултурализмот, како европска вредност, никогаш не треба да биде оспорувана од никого и мора да ја негуваме и постојано да ја развиваме“, нагласи таа.

Додаде дека македонската научна, образовна и културна средина поседува врвни научници, учители, истражувачи, професори, автори, писатели, медиумски работници и поединци, кои во изминатите децении дадоа значаен придонес за заштитата на македонскиот јазик, на неговата богата лексика, синтакса и на неговата посебност.

Честитајќи го Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, Костадиновска-Стојчевска додаде дека е наша обврската правилно да го користиме и да го унапредуваме мајчиниот јазик, но и да ги цениме и да ги почитуваме јазиците на нашите сограѓани.

Генералната конференција на УНЕСКО на своето 30. заседание во 1999 година, на предлог од Бангладеш, го прогласи 21 февруари за Ден на лингвистичка и културна разновидност и мултилингвизам. Промоцијата на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик и усвојувањето на Декларацијата за културна различност се случија во 2000 година.

Слични содржини