Ковачевски во Неготино: Владата секогаш ќе биде поткрепа и поддршка на најранливите категории граѓани

од Radmila Tasevska
„Обезбедувањето пристап до социјалните станови е камен-темелник на нашата посветеност. Владата која ја предводам изминативе години, со доделувањето на социјални станови на ранливите категории граѓани, создаде услови, секој без разлика на околностите, да има сигурност и достоинствено место за живеење, да има свој дом”, истакна премиерот Димитар Ковачевски денеска на доделувањето на социјални станови за 45 семејства од Неготино.
„Градењето социјални станови ја одразува нашата посветеност на поттикнување на инклузивни заедници и обезбедување стабилност за ранливите категории граѓани. Неизвесноста која ја носат промените предизвикани од случувањата во светот, кризите, како Влада не дозволивме да бидат терет за нашите граѓани. Реалноста е дека економската криза доведе до огромна социјална несигурност насекаде во светот. Свесен бев од почетокот на кризата, дека за Владата што ја предводам, еден од приоритетите треба да биде грижата за најранливите категории на граѓани. Наша цел како Влада е секогаш да бидеме поддршка и поткрепа на немоќните лица, самохраните родители, граѓаните кои се со привремени вработувања, социјално ранливите. Пред неколку недели го донесовме деветтиот пакет антикризни мерки, кој е во вредност од 662 милиони евра и содржи 26 мерки за  поддршка за ранливите категории на граѓани, за пензионерите, студентите, за компании, како и поддршка во услови на зголемени трошоци на живот и  продолжени ефекти од енергетската криза”, изјави претседателот на Владата, Ковачевски.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски рече дека фокусот на Владата е на социјално станбената политика и во иднина ќе продолжи проектот за изградба на нови згради и во други општини како одговор на барањата од граѓаните.

„Целиот овој период вложивме огромни напори да им помогнеме на општините, на граѓаните, посебно на оние ранливи семејства кои својата надеж за подобар живот ја гледаат во проектите како овој –  изградба на социјални станови. Обезбедување на подобри и подостоинствени услови за живот се прашања за кои не постојат дилеми. И знам колку со нетрпение го чекавте овој голем ден за сите вас. Секој еден граѓанин заслужува дом, заслужува подобри услови за живеење, особено сега во овие времиња полни со предизвици”, рече Бочварски.

„Становите во Неготино се еднособни и двособни со површина од 35 до 45 м2″, истакна директорот на АД за изградба и стопанисување со станбени и деловни објекти од значење за Републиката, Зоран Ѓоргијев.

„Заедно, во соработка со Владата и со Министерството за транспорт и врски остануваме доследни на нашата цел да обезбедиме дом на оние на кои им е неопходна помош. Целта е заедничка – поквалитетни, достоинствени услови за живееење и подобра иднина за сите, што е доволен мотив наскоро повторно заеднички да присуствуваме на ваков чин во друг град”, рече Ѓоргијев.

Изминативе години изградени се или во фаза на изградба се над 860 социјални станови во Струмица, Гостивар, Македонски Брод, Пробиштип, Виница, Свети Николе, Гевгелија, Демир Капија, Неготино. Социјални станови ќе добијат и ранливи категории граѓани во Велес, Бутел, Дебар и Кочани.

Слични содржини