Ковачевски: За бришење на „20 отсто“ треба широк консензус и согласност од партиите потписнички на Рамковниот договор

од Nikola Popovski

Процесот на уставни измени е клучен за евроинтегративниот пат на државата и не треба да биде условуван, вели премиерот Димитар Ковачевски по пораките од здружената албанска опозиција дека се додека не се внесе промената на формулацијата од 20 отсто јазикот што го зборуваат граѓаните во албански јазик, нема да има поддршка за промена на Уставот и внесување на Бугарите.

Според него, за бришење на формулацијата е потребен широк консензус и согласност на сите партии потписнички на Рамковниот договор, бидејќи договорот е донесен во тешки услови и со компромис чии гаранти се САД и ЕУ.

Тој се надева дека постои демократски капацитет во земјава за да се донесат одлуки кои им се потребни на државата за да го продолжи евроинтегративниот пат и да ги отвори кластерите.

-Охридскиот рамковен договор беше донесен во тешки услови, низ еден компромис кој што го гарантираа и САД и ЕУ и секоја промена таму ќе бара многу широк консензус од сите партии потписнички на Договорот. Во моментов имаме една голема цел која ни е на дофат и која треба да ја оствариме и за првпат блокадата не доаѓа од надвор туку од внатре, одговори Ковачевски.

Формулацијата „20 проценти“ во Уставот беше додадена по потпишувањето на Охридскиот рамковен договор за ставање крај на конфликтот во 2001 година, со што беше прифатено дека низ цела Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот, но и било кој друг јазик кој го зборуваат најмалку 20 проценти од населението.

До овие барања доаѓа во време кога  Владата се обидува да добие подршка од 81 пратеник за двотретинскo мнозинство кое е потребно за најавените уставни измени за внесување на Бугарите во ЕУ. Внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав е услов за продолжување на преговорите со ЕУ по поглавја.

Слични содржини