Кремљ го стави Навални во најозлогласениот затвор: Од „Морнарска тишина“ има само едно успешно бегство

од Stefanija Kuzmanovska

Екипата на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, кој беше уапсен на аеродромот Шереметјево, по што беше притворен 30 дена за кршење на одредбите на условната казна за проневера, е загрижена за него поради условите во озлогласениот затвор „Морнарска тишина“ (Матроскаја Тишина) во Москва во кој ќе ја издржува казната, напиша на Твитер директорот на Навални фондацијата за борба против корупцијата, Иван Жданов.

Затворот е познат и по мистериозната смрт, меѓу другите, на адвокатот Сергеј Магнитски во 2009 година.

Дел од истражниот притвор го контролира Руската федерална служба за безбедност (ФСБ), пишува Жданов – „истиот ФСБ што се обиде да го отруе Навални“. Портпаролот на Алексеј Навални, Кира Јармиш изјави дека Навални за прв пат се наоѓа во вистински истражен затвор и дека е скоро невозможно да стапат во контакт со него.

„Морнарска тишина“ е неофицијалното име (во московскиот кварт Соколники има истоимена улица) на „Истражниот затвор бр.1“ на Федерална служба за спроведување на законот на Русија и градот Москва“.

Во 1775 година, таму беше отворена институција за ментално болни, која во 1870 година беше претворена во московски затвор, во 1912 година беше проширена, а во 1918 година беше претворена во казнено-поправен дом за малолетни престапници.

Постои во сегашната форма од 1945 година. Првично, се состоеше од две главни згради со 2.000 возрасни затвореници, а потоа беше подигната друга зграда, во која се наоѓаше Специјалниот затвор за воени злосторници од Третиот рајх од 1949 до 1953 година. Од 1997 година, Истражниот затвор бр. 1 е администриран од Федералната служба за спроведување на законот.

Мистериозна смрт

Сергеј Магнитски

Сергеј Магнитски почина во овој затвор на 16 ноември 2009 година. Адвокатот започна истрага со која требаше да се разоткрие незаконското враќање на даноците на корумпирани службеници во Министерството за внатрешни работи, за набргу потоа да се соочи и самиот со обвиненија за соучесништво во затајување данок. Во 2008 година, тој беше уапсен и почина една година подоцна во тешки затворски услови во „Матроскаја Тишина“. Околностите за неговата смрт сè уште не се познати. Официјалната причина е откажување на срцето, но според Зоја Светова, активист за човекови права и новинар на Њујорк Тајмс, тој страдал од панкреатит и ја немал потребната медицинска нега во затворот.

Истражителите побараа Магнитски да сведочи против неговиот клиент, директор и сопственик на инвестицискиот фонд Ермитаж капитал менаџмент, Вилијам Броудер.

– Бидејќи не се согласи на тоа, му беше забранета здравствената заштита и го влечеа од ќелија до ќелија, што на крајот го уништи – вели Зоја Светова.

Вера Трифонова

На 30 април 2010 година, Вера Трифонова (52), директор на компанијата за недвижнини „Кит-Елит-Недвижимост“ со седиште во Рубљовка, престижна област во Москва, почина во болницата во „Матроскаја Тишина“. Нејзиниот адвокат тврди дека на неа и било дадено јасно до знаење.

„Признајте и ќе излезете надвор“. Бидејќи не се согласила на тоа, нејзиното барање за условно ослободување беше одбиено.

Трифонова е обвинета за обид за измама. Според официјалната верзија, Трифонова го запознала банкарот Павел Разумов со еден политичар од Магадан на крајниот исток на Русија, Георгиј Шакиријан, кој од Разумов побарал 1,5 милиони долари во замена за позиција како сенатор во Советот на Федерацијата. Нејзиниот адвокат, сепак, тврди дека немала никаква врска со тие пари. Таа верува дека нејзиното апсење било „нарачано“ поради фактот што еден од пријателите на Разумов и должел голема сума пари, која тој не сакал да ја врати.

Таа била ставена пред изборот додека била на одделот за интензивна нега во болницата бр. 20, каде што се лекуваат критично болни пациенти. Таа беше пренесена таму и немала соодветна грижа. Таа страдала од тешка форма на дијабетес, едниот бубрег и откажал и беше испраќана на хемодијализа двапати неделно. Откако одбила да признае, истражителот извршил притисок врз лекарите, така што по краткото лекување, таа била вратена во затвор, каде нејзината состојба се влошила толку многу што повеќе не можеле да ја спасат, вели Зоја Светова за opendemocracy.net.

Надја Савченко

Надја Савченко, првата жена воен пилот во Украина и прва жена во парламентот, исто така беше во озлогласениот затвор, бидејќи беше обвинета за време на војната во Украина за помагање во минофрлачки напад врз источна Украина, предизвикувајќи смрт на двајца руски новинари и загрозувајќи го животот на други пет лица. Покрај тоа, таа е обвинета за нелегално преминување на руската граница.

Таа беше уапсена на 17 јуни 2014 година во источна Украина, а пренесена во Русија на 23 јуни. На 19 јуни беше објавено видео на Јутјуб, на кое се гледа како таа е врзана со лисици на цевка и дава интервју за „Комсомолска правда“. Во Русија, таа беше осудена за убиство на двајца руски новинари и беше прогласена за виновна, но беше ослободена и вратена во Украина како дел од размената на затвореници во 2016 година.

По десет месеци поминати во затвор, Савченко му напиша писмо на „Дејли Бист“ во кое напиша дека штрајкувала со глад со месеци и дека е во самица. Штрајкот со глад првично бил протестна акција, но наскоро послужил за целта на договарање со затворските власти. Лекарите се заканувале дека нема да ја пуштат на суд.

– Ме уценуваа да го прекинам штрајкот со глад пред секое сослушување … Повеќе не беше тоа искрен протест, туку предмет на размена – напишала таа на „Дејли Бист“.

Тогаш се пошегува дека е подобро во затворот отколку во „хотел со три sвезди“, само што во самица „нема кој да праша како е во другите затвори“.

– Може да ставите човечко тело во затвор, но не можете да ја затворите слободата на мислата, силата на волјата и непоколебливиот дух!, напишала таа.

Бегство од „Морнарската Тишина“

Никој не избегал од затворот сто години, но во 1995 година, тоа го стори познатиот атентатор Александар Солоник (познат и како Саша Македонски).

Полицијата го уапси Солоник во 1994 година, а тој потоа призна десетина нарачани убиства. За него е подготвен план за бегство. Клучот бил помошта на стражар, за кого се вели дека тој бил специјално донесен на работното место за таа намена или бил подмитен. Стражарот обезбедил планинарска опрема, пиштол и кукла што таа ноќ останала во неговиот кревет наместо Солоник. Убиецот и стражарот со јажиња се спуштиле од затворскиот покрив на улица.

Солоник успеа да избега во Грција, но тоа не му помогна многу. Мафијата го пронајде и го „замолкна“ заедно со неговата девојка. Стражарот кој му помогна на Солони да избега сè уште не е пронајден, пишува „Русија пошироко“.

Слични содржини