Крипто-берзата Binance купува удел од 200 милиони долари во Forbes

од Vladimir Zorba

Една од најголемите крипто компании во светот – Binance, ќе се здобие со удел во вредност од 200 милиони долари во списанието Forbes, што е уште една пресвртница во 105-годишната историја на брендот.

Forbes, познат по својата листа на милијардери, рече дека договорот ќе и помогне да стане лидер во обезбедувањето информации за дигитални средства како што е биткоинот.

Сепак, веста за инвестицијата покрена прашања меѓу медиумските набљудувачи за потенцијален конфликт на интереси.

Binance поднесе тужба за клевета против Forbes во 2020 година, по што се откажа од тужбата, потсетува Би-Би-Си.

Аналитичарите, исто така, забележуваат дека криптовалутите се особено ранливи на манипулации од познати личности и медиумски публикации, што предизвикува предупредувања од регулаторите ширум светот.

Во изјавата за објавување на инвестицијата, основачот на Binance, Чангпенг Жао, рече дека ги гледа медиумите како „суштински елемент во градењето на поголемо разбирање „меѓу потрошувачите на крипто-пазарот и новите блокчејн технологии“.

Милијардерот, чие лично богатство се проценува на речиси 100 милијарди долари, подоцна објасни на Twitter дека неговиот фокус бил да му помогне на Forbes да ја изгради својата технологија, нарекувајќи ја уредувачката независност „недопирлива“.

Жао изјави за CNBC дека неговата компанија планира да инвестира во други традиционални компании со цел да ја промовира блокчејн технологијата.

Forbes објави дека Binance ќе обезбеди технолошки совети за да му помогне на бизнисот да го максимизира својот бренд и да ги унапреди своите планови да ги претвори читателите во претплатници кои плаќаат.

Изданието вели дека тие нема да ги променат областите што ги покриваат, но се надеваат дека сегашниот тим за дигитални средства и „некои други оддели“ ќе растат со текот на времето.

Слични содржини