Кривичен уште не го оценил Обвинителниот акт за „Рекет“

од Vladimir Zorba

Кривичниот суд Скопје 1 се уште нема донесено одлука дали ќе го прифати Обвинителниот акт за случајот „Рекет“, кој шефицата на обвинителството за организиран криминал, Вилма Рускоска до нив го испрати на 10 октомври.

На прашањето на Локално дали Кривичниот суд го оценил обвинителниот акт, од Кривичниот суд кратко ни одговорија дека кога тоа ќе биде сторено, како и за сите предмети за кои досега имало јавен интерес, ќе испратат соопштение преку официјалната веб страна на судот.

Во меѓувреме, тече истрагата и за случајот за невладината организација на првоосомничениот во „Рекет“ Бојан Јовановски, „Меѓународен сојуз“. Во неа осомничени освен Јовановски се потпретседателката на невладината Јасна Мандиќ, неговата лична асистентка Христина Блажевска, таткото на Јовановски Миле Јовановски и пратеничката и потпретседателка на Собранието, Фросина Ременски.

Прашавме во обвинителството дали има проширување на случајот или било какво помрднување, но од таму ни одговорија дека обвинителката Вилма Русковска се уште работи на случајот.

„Предметот е во истражна постапка и по него надлежниот обвинител презема активности во насока на прибирање на материјални и вербални докази. Надлежниот обвинител во текот на постапката има право врз основа на обезбедените докази да ја прошири или да ја запре истрагата против одредени лица“, велат за Локално од обвинителството.

Обвинението за „Рекет“, освен првоосомничениот Јовановски, ги опфаќа и екс Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, како и Зоран Милевски-Кичеец.

А.Т.

Слични содржини