Курти: Хоти потпиша договор кој е штетен за Косово, никаде не е ветено взаемно признавање

од Vladimir Zorba

Лидерот на движењето Самоопределување, Албин Курти, денеска изјави дека „незаконскиот“ премиер на Косово, Авдулах Хоти, во Вашингтон потпишал договор штетен за Косово, додавајќи дека учеството во „мини Шенген“ само ќе и помогне на Србија да постигне хегемонија во овој дел на Европа.

Според него, вчерашните настани покажаа дека предизборната кампања во САД продолжува.

„Синоќа, во присуство на претседателот Трамп, нелегитимниот премиер на Косово и автократскиот претседател на Србија потпишаа договор сами со себе“, напиша Курти на Фејсбук, изнесувајќи низа критики, велејќи дека потпишаниот документ е на штета на Косово.

Тој оцени дека мораториумот во врска со прашањето за членство и „доведување во прашање на употребата на „Газивода“ е огромен неуспех и дека „сите во регионот се свесни дека „мини Шенген“ помага во хегемонијата на Србија во овој дел на Европа“.

Според него, косовската делегација ги заборавила и игнорирала злосторствата и штетите за време на војната, долгот што Србија го има кон Косово.

„Отстапките во планот на Ахтисари за манастирите и црквите не мораше да се влошуваат во Вашингтон, како Србија да не доби доволно. Албанците во Прешево, Медвеѓа и Бујановац не беа одбранети, па дури и нивните проблеми не беа решени. Србија побара пристап до морето, го доби, побара финансии, побара пренасочување на пругата кон Мердаре – доби. Побара мини Шенген, го доби. Значи, никаде не е ветено взаемно признавање“, рече тој.

Курти го постави прашањето „што донесе оваа делегација на Косово во однос на Србија“ и одговори: „Штета, срам и опасност“.

Тој оцени дека на Израел треба да му се заблагодари за признавањето, но дека признавањето на Косово и Израел е нешто што е помеѓу тие земји, со помош на САД и дека Србија нема причина да биде вклучена во односите на Косово со Израел.

„Ние не купуваме признавање од Израел со отстапување на суверенитетот на Србија“, рече Курти.

Слични содржини