ЛДП побара прекин на, како што велат, празната реторика и лажниот патриотизам што се промовира преку селективни законски измени поврзани со државјанството на функционерите. Од партијата оценуваат дека наместо дневно-политички теми и популизам, потребни се суштински правни решенија кои ќе обезбедат еднаква одговорност за сите избрани и именувани носители на функции.
Правникот и член на раководството на ЛДП, Илија Чилиманов, изјави дека обидите прашањето за државјанството на пратениците да се регулира со закон, без отворање на Уставот, претставуваат свесна манипулација. Според него, доколку навистина постои политичка волја функционерите да имаат само едно државјанство, тогаш единствено решение е уставна измена што би важела подеднакво за сите.
„ЛДП инсистира на конкретни чекори за соголување на оваа нова популистичко-политичка претстава: Нотарска изјава како личен тест: ЛДП ги повикува сите пратеници и функционери да дадат нотарска изјава за државјанството под кривична одговорност. Да се види кој е подготвен да ја гарантира својата искреност со законска последица, а кој само профитира од популизам.
Сеопфатни уставни измени: Отворањето на Уставот е шанса не само за дефинирање на критериумите за функционерите, туку и за остварување на клучните заложби на ЛДП за еднаквост и економски заштеди за народот: намалување на бројот на пратеници на 90 и ограничување на бројот на членови на Владата на максимум 15.
Крај за двојните аршини: Политичката елита не смее да биде над граѓаните. Лојалноста не се докажува со знамиња или политички трикови, туку со почитување на институциите и уставниот поредок.“, велат либералите.
Оттаму порачуваат дека вистинската грижа за државата не се покажува преку популизам, дволичност и политичка демагогија, туку преку транспарентност и одговорност пред граѓаните. Според партијата, време е дел од политичарите да се откажат од празните политички пораки и да покажат подготвеност за суштински и системски реформи и додаваат дека граѓаните имаат право јасно да знаат кому му ја доверуваат поддршката и какви конкретни последици политиките имаат врз нивниот животен стандард.