Лидерот на ЛДП, Горан Милевски очекува да биде информиран од премиерот Зоран Заев, околу тоа во каква Влада ќе влезат, па дополнително ќе одлучат дали тоа за нив е прифатливо или не.
-Немаше потреба да се прават овие театри еден месец и да се фокусира јавноста бидејќи државата има еден силен предизвик во декември, а тоа е почеток на преговори и целата енерија на политички чинители треба да се насочи кон решавање на овој проблем којшто ќе значи подобар животен стандард на граѓаните наместо да се занимаваме со личните позиции и кадровските решенија коишто очигледно се договорени, изјави Милевски.
Ова следува откако денеска во Клубот на пратеници меѓу Заев и Гаши беше потпишан договорот за влезот во Владата на Алтернатива. Според објавеното, партијата на Гаши ќе добие ресорите здравство, информатичко општество и министерство без ресор задолжено за дијаспората. Покрај нив, ќе добие и заменици министери во МОН, министерството за култура, а за третиот ресор се дискутира. Алтернатива ќе ги води и МЕПСО, Фонд за здравство, железници, Клиничкиот центар Тетово и Агенцијата за странски инвестиции.
ЛДП заедно со ДОМ имаат тројца пратеници и едно министерско место во владата. Токму Горан Милевски е на чело на Министерството за локална самоуправа.