Леклер и Ботас со успешен тест на „Пол Рикар“

од Vlatko K

Шарл Леклер и Валтери Ботас спроведоа тест на француската патека „Пол Рикар“ за официјалниот снабдувач на гуми Формула 1 – „Пирели“. Ова беше прв настап на Леклер со автомобилот на „Скудерија“, откако стана јасно дека ќе биде нивниот нов пилот за следната сезона.

Младиот Леклер извозе 129 круга зад воланот на SF71H, што е приближен еквивалент на две тркачки растојанија. Тој ја делеше патеката со пилотот на Мерцедес Валтери Ботас, кој сврте 102 круга. Двајцата пилоти ги тестираа мазните гуми на „Пирели“ кои ќе се користат во 2019 година.

Тестот беше важен за снабдувачот на гуми, бидејќи е во завршна фаза од развојот на следната година. Планирани се уште три тестови на „Пирели“ – еден по Големата награда на Јапонија со Рено, еден по Големата награда на Мексико со Саубер и по финалето во Абу Даби со сите тимови.

Себастијан Фетел ќе излезе денес на патеката за Ферари, додека Ботас повторно ќе вози за Мерцедес.

Слични содржини