Литар бензин во Грција надмина две евра и расте

од Nikola Popovski

Невиден скок на цената на течните горива во Грција е последица на поскапувањето на суровата нафта на 130 долари за барел поради војната во Украина, пишува денеска атинскиот деловен весник „Економикс Тахидромос“.

Поскапувањата се „катаклизмични не само од ден на ден, туку и од час во час“, а просечната цена на безоловниот бензин во Грција сега надминува две евра за литар, пишува весникот.

Цената на нафтата за греење што ја користат индивидуалните котлари на станбените згради во грчките градови достигнува или надминува 1,5 евро за литар, што е под влијание на денешното ладење и најавата за снежна бура во поголем дел од Грција.

Безоловното гориво денеска во Грција е поскап за 40 отсто од почетокот на оваа година, а нафтата за греење за 75 отсто во однос на лани.

Претставниците на бензинските пумпи дури изјавија дека со темпото со кое се движи пазарот, цените на безоловниот бензин во наредните денови би можеле да достигнат 2,5 евра за литар, особено ако нафтата продолжи да поскапува на меѓународниот пазар.

Тоа создава огромни проблеми во домаќинствата, особено за оние кои мораат секојдневно или често да патуваат на работа со автомобил или поради тоа што немаат друго превозно средство, посочува весникот. Поради стравот од корона вирусот, многумина не сакаат да користат јавен превоз.

Денес, просечната цена на безоловен бензин од 95 октани во и околу Атина е 2.030 евра за литар, што е просечна цена за Грција. На подрачјето на Солун просечната цена на тој бензин е 2.020 евра за литар, а на Кикладите била близу 2,2 евра за литар.

Просечните цени на дизелот се над 1,8 евра за литар, што создава услови за големи поскапувања на стоките поради зголемувањето на трошоците за превоз со камиони, што се очекува да се префрли на малопродажните цени, односно на потрошувачите. Поскапувањето на дизел горивото годинава надминува 54 отсто.

Слична е ситуацијата и на други места во Европа, а, на пример, цената на безоловниот бензин (Е10) и дизелот на бензинските пумпи во Германија за првпат надмина две евра за литар, објави германскиот Општ автомобилски клуб (ADAC).

Слични содржини