МАЕИ бара од Македонците во Албанија слободно да се попишат: Суштински чекор кон обезбедување на нашите права и зачувување на културното наследство

од Nikola Popovski

Единствената македонска партија во Албанија, МАЕИ преку соопштение ги повика сите Македонци во земјата да се изјаснат на претстојниот попис. Од Македонската алијанса за европска интеграција истакнуваат дека со декларирањето на пописот како Македонци се придонесува за видливост и препознатливост на нашата заедница во Албанија.

Силата на нашиот идентитет лежи во нашето единство и нашата подготвеност да застанеме и да бидеме бројни. Ова е суштински чекор кон обезбедување на нашите права и зачувување на нашето културно наследство. Колку повеќе членови на нашата заедница гордо се идентификуваат како Македонци на пописот, толку повеќе права и заштита можеме да имаме според Законот за заштита на малцинсвата во Република Албанија, посочуваат од МАЕИ.

 

Од партијата се осврнуваат и на одредени притисоци пред пописот.

-Разбираме дека некои сè уште имаат загриженост од различните притисоци што може да дојдат, но ве уверуваме дека вашето учество на пописот е доверливо и вашите податоци ќе бидат заштитени со закон. Информациите што ќе ги дадете ќе бидат доверливи и ќе се користат само за статистички цели и заштита на правата на македонската заедница. Вашиот придонес не само што ќе ја зајакне нашата заедница, туку и ќе го подобри нашиот статус и влијание во албанското општество. Заедно, можеме да изградиме посветла и поинклузивна иднина за сите Македонци во Албанија, стои во соопштението на МАЕИ.

Пописниот формулар во Албанија содржи 100 прашања а само за три, етничка и верска припадност и јазик, одговорот не е задолжителен. Во оваа активност се вклучени над 7000 попишувачи и инструктори а пописот земјата ќе ја чини 6,4 милиони евра.

Ова е 12-ти по ред попис, од кога Албанија е прогласена за независна држава.

Слични содржини