Мудасир Каримов од Таџикистан на 9-месечна возраст се бори за живот откако лекарите пронашле 10 метални игли во неговото тело. Мајката открила игла во непцето на своето дете, по што веднаш го однела во болница.

По направениот рентген, докторите откриле уште девет игли кои биле забиени во черепот, носот, нозете, вратот и градите на бебето.
Медицинскиот тим вели дека не постои шанса детето случајно да ги проголтало иглите, па затоа семејството се плаши дека тоа го сториле нивните роднини или дадилката, со намера да ги “истераат злите духови”.
Хирурзите од болницата Караболо во престолнината Душанбе успеале да отстранат шест игли – од кои некои биле толку долго во телото што зарѓале.
“Последните две игли кои ги извадивле беа обични кројачки игли. Не беа нови, биле во телото веќе некое време и зарѓале. Не ги извадивме тие во стомакот и черепот бидејќи операцијата би траела предолго”, изјавил главниот хирург Шукрат Чориев.
Тој додал дека никогаш не видел ваков случај, но дека минатата година во тело на едно починато дете од Узбекистан биле пронајдени 16 игли.
Роднините на Мудасир негираат дека знаат како металните игли успеале да стигнат во телото на бебето. Во централна Азија се појавиле ретки случаи на “истерување на зли духови” со помош на игли, за кои се вели дека се древна практика.