Македонија и Грција ја запеаја песната на мирот

од Vladimir Zorba

Македонија и Грција денеска го потпишаа Преспанскиот договор со кој треба да му се стави крај на повеќедеценискиот спор за името. Премиерите Заев и Ципрас најавија отворање нова страница во историјата на двете земји.

    
Griechenland - Die beiden Außenminister Nikos Kotzias und Nikola Dimitrov vor Alexis Tsipras und Zozan Zaev (Reuters/A. Konstantinidis)

По Охридскиот, Македонија доби уште еден договор кој веќе го понесе епитетот „историски“, иако до неговата целосна реализација ќе мине уште доста време и ќе биде потрошен голем политички капитал – Преспанскиот.

Во малото место Псарадес/Нивици, во грчкиот дел од Преспанскиот регион, премиерите на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас и министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас со потписи, но и со прегратки го заверија договорот кој предвидува промена на уставното име на Република Македонија во Република Северна Македонија и серија други мерки кои треба да ги остават децениските недоразбирања меѓу двете земји во минатото.

Сценографијата во малото село на брегот на Преспанското езеро не оставаше впечаток дека се работи за историски настан, но содржината и присутните секако го оправдаа тој атрибут.

Griechenland - Die beiden Außenminister Nikos Kotzias und Nikola Dimitrov, Alexis Tsipras und Zozan Zaev (Reuters/A. Konstantinidis)

Фактот што Псарадес е на само пет километри од македонското село Долно Дупени, но до него се патува повеќе од два часа преку Лерин, е веројатно најдобриот доказ за тоа колку долго односите меѓу двата соседа оделе во погрешен правец. Сообраќајот денеска беше речиси целосно блокиран од бројни полициски сили, а се пропуштаа само возила и лица акредитирани за настанот. Истовремено, во околината на Лерин се одржуваа протести на противниците на договорот од грчка страна.

Македонската делегација предводена од премиерот Заев токму затоа веројатно го одбра покусиот пат, па помпезно пристигна со мал брод директно на импровизираното пристаниште. Симболиката беше јасна. Ги пречекаа грчките домаќини – премиерот Ципрас и шефот на дипломатијата Коѕијас. При влезот во големиот шатор присутните ги поздравија со голем аплауз, меѓу нив и шефицата на ЕУ дипломатијата Федерика Могерини, комесарот за проширување Јоханес Хан и заменичката на генералниот секретар на ОН, Розмари Ди Карло.

Einigung im Namensstreit um Mazedonien in Psarades, Zoran Zaev Alexis Tsipras (Reuters/A. Konstantinidis)

Случајно или не, токму на денот на потпишувањето на договорот роденден славеше и медијаторот Метју Нимиц, па свеченоста започна со пригодна песна за него.

Грчкиот премиер Ципрас прв се обрати пред присутните. Рече дека потпишувањето на договорот е „храбар, историски и неопходен чекор за нашите два народа“. Договорот отвора „пат за мир, братство и соработка за нашите земји, за Балканот и за Европа”.

„Тука сме да ги залечиме раните од минатото, да отвориме пат за мир, братство и развој на нашите две земји“, рече Ципрас, според кого, дојдено е времето „повторно да се пејат среќни песни на Балканот”.

„Наша цел е оваа песна на радоста да се пее многу векови и од многу идни генерации, на вашиот јазик и на нашиот јазик, во нашата земја и во вашата земја, од нашиот народ и од вашиот народ. Песна што ќе го слави мирот“, рече Ципрас.

Македонскиот премиер му реплицираше со цитати од Аристотел и со порака дека се раѓа ново пријателство.

Заев им се обрати и на противниците на договорот.

„Европски е да се разговара, но европски е и да му се даде шанса на решението низ институциите на системот. Сите наши пријатели и сојузници порачуваат дека овој договор е чекор со кој нашите две земји се извлекуваат од минатото и тргнуваат кон иднината“, рече Заев.

На крајот, Заев одлучи да го „украде“ целото шоу, па ја извади и вратоврската и му ја подари на Ципрас – потег што му донесе голем аплауз.

Делегациите потоа заедно се упатија назад кон македонска страна, во Отешево, повторно со брод.

Преспа влезе во аналите на македонската понова историја. Регионот кој долго беше симбол за поделбите меѓу двете нации и држави, сега ќе го симболизира важниот договор кој го постигнаа двете влади. Една голема и тешка задача е остварена. Но до неговата конечна реализација и оправдување на епитетот „историски“ останува уште многу работа. Од двете страни на Преспанското езеро.

DW

Слични содржини