Македонија поканета во НАТО, претстои период на исполнување на обврските

од desk4

  Лидерите на 29-те земји членки на НАТО вчера на првиот ден на Самитот во Брисел одлучија да ја поканат Македонија да почне преговори за членство, а поканата официјално денеска генералниот секретар Јенс Столтенберг ќе му ја врачи на премиерот Зоран Заев на свечена церемонија во седиштето на најголемиот воено-политички сојуз во светот.

Со тоа се отвора патот Македонија да стане 30. членка на НАТО, а од поканата до конечното членство следуваат процеси, како во однос на исполнување на обврските што Скопје и Атина ги презедоа во Договорот за решавање на спорот за името, така и во однос на процедурите кои престојат за секоја земја-аспирантка.

Одлуката за поканата ја соопшти вчера генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг на прес-конференција по првата сесија на Северноатлантскиот совет на Самитот на НАТО.

– Го поздравуваме договорот помеѓу Атина и Скопје и се согласивме да ја поканиме Владата во Скопје да започне пристапни преговори, откако ќе бидат заоркужени сите внатрешни процедури за да се финализира договорот земјата ќе влезе во НАТО како 30-та членка, изјави генералниот секретар.

Тој јасно стави на знаење дека само со промена името може Македонија да влезе во Алијансата.

– На луѓето во Македонија е да одлучат, ова е прилика што доаѓа еднаш во животот или ќе го поддржат договорот и ќе станат членки или нема да го поддржат и нема да станат членки, не може двете работи да ги добијат. Нема зачленување без промена на името, на народот е да одлучи, истакна Столтенберг.

Денеска престои свечениот чин, на кој Столтенберг на Заев ќе му ја врачи и формално поканата, а следната недела земјава треба да добие план на НАТО, по кој прецизно треба да се водиме во завршувањето на воено-техничките реформи и тој план е идентичен за секоја земја-аспирант.

Националниот кооринадор за НАТО, Стево Пендаровски, кој е во состав на владината делегација во Брисел, појасни дека ќе има практично две сесии за политички и за технички прашања како што е со секоја друга земја-аспирант во минатото.

Она што е специфично за Македонија и што наша конкретно домашна задача е да го имплементираме докрај договорот со Грција и НАТО ќе не цени низ таа призма.

Воено-техничките и политички услови ќе треба да ги исполниме во наредните четири до шест месеци, вели Пендаровски, а во меѓувреме ќе биде неопходно да ја завршиме и процедурата за ратификацијата за референдум во однос на договорот и да спроведеме уставни промени.

Според негова проценка, некаде околу средината на јануари 2019 година би требало, ако се биде успешно, да ги завршиме и овие преговори и потоа следува ратификација во сите парламенти на земјите-членки, што може да трае околу една година.

Заев, вчера во Брисел, изрази уверување дека повеќето граѓани на Македонија ќе гласаат позитивно на претстојниот референдум за Договорот со Грција за името.

Учествувајќи како говорник на конференцијата „НАТО ангажмани: Дијалози на Самитот во Брисел“, Заев истакна дека во однос на Договорот со Грција сега претстои период на обврски што треба да ги исполнат двете страни.

– Ние се обврзавме на референдум, бидејќи го менуваме уставното име. Референдумот би требало да се одржи кон крајот на септември, почетокот на октомври, потоа следуваат уставните измени, за што се потребни до сто дена според Деловникот на Собранието, а потоа следува ратификацијата во грчкиот Парламент. Процесот е многу демократски, нормален и секако верувам дека нашите граѓани во голем процент ќе бидат за, порача премиерот Заев, на конференцијата, на која учествуваа и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, шефот на дипломатијата Никола Димитров, вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи и координаторот за НАТО Пендаровски.

Несогласувањата со претседателот на државата и ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат менаџирани преку отворен дијалог.

– Жалам што нашиот претседател го загуби моментумот да биде со нас, но по гласањето на нашите граѓани, политичарите ќе мора да ја почитуваат нивната волја и да ги исполнат нивните барања. Претседателот може да одлучи да не го потпишне законот за ратификација и откако вторпат беше изгласан во Парламентот, но по референдумот сите политичари во нашата земја ќе мора да се покорат на волјата на граѓаните, рече Заев.

Заев и македонската владина денеска ќе учествуваат на официјалниот дел од агендата на самитот.

Премиерот Заев во придружба на вицепремиерот Османи и министрите Шекеринска и Димитров, ќе учествува на состанокот на лидерите на земјите членки и партнери во формат РСМ „Решителна поддршка”, на ниво на шефови на држави и влади.

Агендата на годинашниот Самит на шефови на држави и влади на НАТО оваа година во Брисел и денеска предвидува прес-конфереција на генералниот секретар Столтенберг.

Слични содржини