Манчестер Јунајтед следи тројца слободни играчи

од Vladimir Zorba

Манчестер Јунајтед со полна сила ја продолжува работата на изборот за новата сезона. Сепак, клубот нема премногу буџет, и голем дел од него најверојатно ќе биде наменет за доведување на Френки де Јонг и Лисандро Мартинез доколку тие договори се финализираат. Клубот веќе плати 15 милиони евра за Тајрел Маласија, а речиси го договори и Кристијан Ериксен, кој сепак ќе дојде на слободен трансфер.

Сега на „Олд Трафорд“ разгледуваат и опции за засилување на нападот, а се посериозно се разгледуваат и опциите за привлекување слободни играчи. Има и три имиња кои се во нишанот на „црвените ѓаволи“, пренесе „Експрес“.

Интересното е што сите тројца фудбалери во прашање досега настапуваа во Серија „А“. Станува збор за Адреа Белоти, Пауло Дибала и Дрис Мертенс.

Белоти одамна е во нишанот на Јунајтед. Веќе го бараше Оле Гунар Солскјаер, но на крајот тогаш клубот се сврте кон други цели. 28-годишниот сега е слободен играч откако одби да го продолжи договорот со Торино. Во последните 7 години тој стана речиси легенда на „биковите“ со 251 натпревар, 113 гола и 28 асистенции на своето конто. Тој е и италијански репрезентативец со 44 настапи и 12 гола за „Азурите“. Сепак, фудбалерот одлучи дека е време да бара посериозен предизвик, а евентуална понуда од Јунајтед сигурно многу ќе го заинтригира.

Не е првпат „црвените ѓаволи“ да се поврзуваат со интерес и за Пауло Дибала. Низ годините неколку пати имаше шанса да заврши на „Олд Трафорд“, но никогаш не дојде до трансфер. Сега тоа може да се случи многу полесно откако му истече договорот со Јувентус и не беше обновен. Аргентинецот го бараат и Интер, Наполи и Рома, но во битка за неговиот потпис би можел да влезе и Манчестер Јунајтед кој секако може да го искушува со подобри финансиски услови од понудите од италијанските клубови. Сепак, Англичаните мора да побрзаат доколку не сакаат да бидат престигнати од некој од дотичните клубови, кои се многу напредни во преговорите со играчот.

Последен, но не и најмалку важен, е Дрис Мертенс. Неговиот договор со Наполи исто така истече. Фудбалерот сака да остане на „Диего Армандо Марадона“, но досега не успеа да дојде до разбирање со газдите на клубот и се уште е слободен играч. Иако е во прилично напредна фудбалска возраст, Белгиецот останува многу добар фудбалер кој може да биде од корист за „црвените ѓаволи“. Минатата сезона одигра 30 натпревари на кои постигна 11 голови и 2 асистенции.

Слични содржини