Маричиќ: Ќе бидеме амбициозни, но реални, сакаме да ги исполниме ЕУ стандардите не подоцна од 2030 година

од Vladimir Zorba

Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ во обраќањето на Конференцијата „30 години македонско-германски дипломатски односи: Билатерална соработка и развојна поддршка со Северна Рајна – Вестфалија“, во организација на Претседателскиот центар за политичко образование истакна дека Германија е најзначаен европски партнер на Северна Македонија и Германија, рече тој, е земјата којашто најмногу не поддржуваше на нашиот пат кон интеграција во Европската Унија.

-Ова не се само зборови, тие направија многу силни напори за да не туркаат напред, вклучително и при решавањето на прашањето со Бугарија. Ова е само почеток, очекуваме натамошна поддршка во периодот што претстои, особено во областите како што се владеење на правото, борба против корупцијата, демократијата, граѓанското општество, но исто така и во реформата на образованието, особено стручното образование, реформа на јавната администрација, но исто така и поддршка на економските струкурурни реформи и развивање на економската соработка, истакна Маричиќ.

Во моментов, оцени вицепремиерот, имаме тежок период со нашите соседи.

-Го надминавме долгорочното прашање со Грција, сега сме во процес на надминување на истото со Бугарија, но сметам дека треба да се фокусираме на наградата, а наградата е членството во ЕУ, рече Маричиќ.

Обраќајќи се кон младите, Маричиќ кажа дека неговата генерација има задача да донесе тешки одлуки, за да нивната генерација не се занимава со истите работи.

-Навистина не сакам да видам некој од вас, седејќи на ова исто место, за пет или десет години, да ги решавате истите прашања и да дискутирате за истите работи. Прашањата коишто не се решени од претходните генерации политичари, сега останува на нас да се занимаваме со истите прашања повторно, само 20 години подоцна, рече Маричиќ.

Тој додаде треба прво да се работи на домашните реформи, особено во владењето на правото, ефикасно судство, ефикасна борба против корупцијата, функционирање на демократските институции и реформа на јавната администрација.

-Овие области беа идентификувани во скрининг процесот со ЕУ како успешни, но сме на половина пат. Сега сме во првата многу важна фаза, а тоа е скрининг процесот во којшто треба да ги идентификуваме сите наши предности и слабости и да проектираме за колку време ќе ги имплементираме сите европски стандарди и да станеме земја-членка на ЕУ. Ќе бидеме амбициозни, но реални, сакаме да ги исполниме овие стандарди не подоцна од 2030 година. Ова ќе биде можно ако се вклучат сите чинители во општеството – институциите, граѓанското општество, бизнис секторот и сите политички партии, рече Маричиќ.

Слични содржини