Маск пристигна во Германија и ја посети фабриката на Тесла каде беше подметнат пожар

од Симе Стоиков

Шефот на „Тесла“ Илон Маск, пристигна во Германија денеска за да ја посети единствената европска фабрика на производителот на електрични автомобили, непосредно крај Берлин, една недела откако поради нападот врз снабдувањето со електрична енергија беше прекината работата.

Производството во таканаречената „Гига-фабрика“ на „Тесла“ во градот Грунхајде беше запрено на неколку дена поради диверзијата што предизвика прекина на снабдувањето со електрична енергија на фабриката.

Во меѓувреме, левичарска екстремистичка група ја презеде одговорноста за нападот. Досега непознатата група „Волкано“ се прогласи за одговорна за запалување на електричен трансформатор кој освен „Тесла“, опслужува и други компании и жители на градот.

Производството во фабриката Грунхајде продолжи во средата.

Вработените во фабриката еуфорично го поздравија Маск, кој разговараше со нив околу пладне во голем шатор поставен во кругот на фабриката.

По Маск, директорот на фабриката Андре Тиериг им се обрати на вработените и им се заблагодари за решавањето на ситуацијата.

„Ова е напад на „Гигафабрика“, рече тој и додаде: „Сите се држиме заедно“.

Тиериг, исто така, им вети на работниците годишни промени на платите и систем на бонуси, тврдејќи дека не е потребен синдикален колективен договор за фабриката.

Локалните власти во Германија се загрижени дека нападот врз фабриката може да предизвика производителот на електрични возила да ги промени плановите за проширување на капацитетот на локацијата.

Слични содржини