Meta планира да понуди алатки за брендирана содржина од Instagram на новата мрежа Threads

од Stefanija Kuzmanovska

Американската компанија Meta планира да ги направи своите алатки за брендирана содржина, кои се достапни за корисниците на бизнис креаторите на социјалната мрежа Instagram, сега достапни и за корисниците на новата платформа Threads, објави денеска американскиот портал Axios.

Ваквите алатки им овозможуваат на маркетерите да соработуваат со инфлуенсери во платени партнерства на таа платформа, во период кога сè уште нема рекламирање на таа мрежа, објави Ројтерс.

Threads, кој доби 100 милиони корисници за пет дена од своето постоење, се смета за ривал на платформата Twitter во сопственост на американскиот милијардер Eлон Маск. Патем, сопствениците на профили на Instagram можат директно да префрлаат сметки, па дури и следбеници на новата платформа.

Threads работи слично како Twitter, со текстуални објави кои може да се „лајкуваат“, коментираат и споделат. Сепак, тој сè уште има некои недостатоци – нема хаштагови и функционалност за пребарување на клучни зборови, што значи дека корисниците не можат да следат настани во реално време како на Twitter, а исто така му недостасуваат директни пораки и десктоп верзија.

Meta се приклучува на се поголем број платформи, вклучувајќи ги Bluesky и Mastodon, кои се натпреваруваат да го заменат Twitter откако Маск ја презеде контролата кон крајот на минатата година.

Пред две недели, Twitter почна да бара од корисниците да се логираат за да ја видат почетната страница, а претходно дури и луѓето без сметка на Twitter можеа да читаат објави.

Потоа наметна лимит за повеќето корисници кои не плаќаат претплата, па така бројот на објави што може да се видат во текот на денот е ограничен прво на 600, а потоа на 1.000.

После тоа, компанијата најави дека платформата TweetDeck, која главно ја користат компаниите и медиумските организации, ќе ја направи достапна само за корисниците кои плаќаат осум долари за Twitter Blue.

Слични содржини