Мицкоски: Ќе бидат шокирани граѓаните што се случувало изминативе шест ипол години

од Milan1

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски пред црквата Свети Спас, по одбележување на 121 година од смртта на Гоце Делчев, одговарајќи на новинарско прашање во врска со обвинителниот предлог за спортските ваучери во Агенцијата за млади и спорт, истакна дека ова е само мал дел од тоа што ќе излегува на површина и по формирањето на владата од ВМРО-ДПМНЕ.

– Тоа е само мал дел од тоа што очекувам во периодот што следи да излегува на површина, овој процес е наследен во оваа техничка влада во МВР и морам да признаам дека истрагата според оние информации со кои располагам е почната пред неколку месеци. Каде што јасно стои пратеник и портпарол на владејачката СДС, заедно со директор на агенцијата биле директно длабоко вмешани во корупција и во криминал, рече Мицкоски.

Мицкоски потенцираше дека ова е само мал дел од тоа што јавноста ќе сведочи по формирањето на владата од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата Твоја Македонија.

– Ќе бидат шокирани граѓаните што се случувало изминативе 6 и половина години, изјави Мицкоски.

Тој уште еднаш истакна дека очекува изборни неругалорности од страна на ДУИ.

– Ако ме прашувате за изборните нерегуларности кои што беа случај во првиот изборен круг, а за кои причина беше Демократската унија за интеграција, јас очекувам такво нешто да се случи и во вториот круг. Ние до претставниците на меѓународната заедница, до ОБСЕ и ОДИХР доставивме список на избирачки места каде што во определен временски интервал, гласањето е во просек помалку од една минута, што наведува на тоа дека таму имаме бројни нерегуларности. Односно, да бидам попрецизен, полнење на кутии и на тие избирачки места, чудно но вистинито, фингер принт, односно терминалите за отчитување на отисок од прстот, не работеле во тој период, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски запрашан дали очекува ДУИ повторно во вториот круг претседателски и прв парламентарни избори да прави изборни нерегуларности.

Додаде дека очекува нешто слично да се случува и во вториот круг, но и дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвено и дека за тоа е информирано и министерството за внатрешни работи со цел на определените избирачки места да го зголеми бројот на безбедносните сили.

– Го информирав и министерството за внатрешни работи да ги засили своите сили таму, припадниците на МВР да вршат мониторинг на процесот на гласање во тие избирачки места. Генерално станува збор за избирачки места во скопски Сарај, Липково, Арачиново и така натаму. Треба македонската јавност и граѓаните на Македонија, дека ДУИ преку своите политики не ги освојува гласачите, туку таа буквално, под притисок и со мерки и средства кои што се недозволени во демократијата, ги добива гласовите. Така што, слободно можете оној резултат  од првиот круг на „Европеецот“ Османи да го поделите со два и ќе ја добиете реалната поддршка на Демократската унија за интеграција која што повеќе од 20 години на два начина добива гласови. Најпрвин со епската манипулација и повикување на 2001, а паралелно со тоа местење тендери и втората е преку притисок, закани, уцени и поткуп, рече Мицкоски.

Мицкоски упати и повик до меѓународната заедница будно да го следи процесот и да не го факторизираат криминалот на ДУИ кои што истураат огромни количини на кеш пари, кои сакаат да бидат дел од власта за на исти начин да ги наплатат и повторно ги вратат тие количини на кеш.

 

Слични содржини