Мицкоски најавува реформи во образовниот процес

од Vladimir Zorba

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска, од дебатата во Куманово што ја организира неговата партија, најави реорганизација во владините ресори и реформи во образовниот процес. Рече дека ќе бидат вложени максимални напори за да се обезбедат учебници во претстојната школска 2024/2025 година, а го објасни и предлогот кој треба, како што напомена, да ги мотивира универзитетските професори и научни работници да пишуваат трудови со дополнителни 50 отсто плата.

Владата, оцени Мицкоски, не одговара на современите текови, а и образовнието не дава одговор на потребите на пазарот и на сегашноста.

Според ВМРО-ДПМНЕ, образложи партискиот лидер, претшколската едукација (градинките) треба да се врати каде што припаѓа, во рамки на  Министерството за образование, а Министерството за труд и социјална политика треба да се занимава со демографија и млади. Делот „труд“, пак, рече Мицкоски, од сегашното ресорно Министерство треба да се префрли во Министерството за економија каде работодавачите и работниците ќе комуницираат директно и заеднички ќе креираат политики и ќе ги решаваат недоразбирањата.

Образованието, додаде, треба да биде „grassroots“ – комплетен процес од почеток до крај.

-Образовнието како целина не дава одговор на потребите на пазарот, но и на сегашноста. Се помалку има визија за иднината, како да влеговме во циклус на инерција, „од денес за утре“, се помалку има апликација и наука, многу земји организираат саеми „студирајте во Германија, во Словенија“, а ние како да немаме одбранбен механизам. Има многу образовни институции кои не генерираат квалитет, туку квантитет и тој пристап е многу погрешен. Треба да се позанимаваме со нив, дали ни се потребни во некој фела илјадници луѓе и дали од нив пазарот на труд вистински има потреба? Треба сериозно да се зајакне политиката во високото образование, но и да се работи на мотивација на наставно-образовниот кадар. Нашиот предлог е – на секој наставно-образовен кадар што ќе објави труд во списание со импакт фактор, кое е дел од идексираната дата база „Веб оф сајнс“, државата да му даде дополнителни 50 отсто плата секој месец. Ако зема 60 000 денари, наредната година по онаа кога ќе го објави трудот, да зема 90 000. Така, на тој начин, секој што ќе се занимава со наука, ќе биде и награден, подвлече Мицкоски.

Слични содржини