Мигрантите ќе пристигнат од Велика Британија, ама под маската на мајстори и келнери?!

Реалната опасност е земјата да стане паркинг-станица за мигранти кои други сакаат да ги иселат. Ако таквата трансформација се случи без јавна дебата, тоа ќе биде најтивката, најскапата и најопасната промена во модерната македонска политика

од Vladimir Zorba
114 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/ Daily Express

Дилемата околу наводните тајни преговори меѓу Македонија и Велика Британија повторно се враќа во фокусот, како риба што ја пушташ во вода, а таа самата ти се враќа во мрежата.

Иако Владата категорично уверува дека не постои никаков договор за увоз на мигранти, прашањето упорно се враќа – не само затоа што британските медиуми напишаа дека Лондон разгледува земји надвор од својата територија за формирање центри за обработка на бегалци, туку затоа што околу оваа тема се отвора една многу позастрашувачка можна приказна: увозот на работна сила како параван за увоз на мигранти.

Да, Македонија има одлив на кадар. Недостигаат градежници, келнери, возачи, мајстори, механичари, медицински сестри и речиси сите други професии што лесно и брзо заминуваат во Западна Европа.

Но во исто време, токму таа потреба за „увоз на работници“ станува совршена алатка за да се сокрие една многу поголема стратегија – стратегија во која мигрантите од Велика Британија би биле репозиционирани во Македонија, под изговор дека „ни требаат работници од трети земји“, а земјава наводно би добивала и финансиски надоместок.

Во дел од британските текстови, кои беа искра за целата оваа расправа, се споменуваше моделот: државата домаќин би добивала околу 20.000 долари по лице за да прифати мигрант кој нелегално влегол во Обединетото Кралство. Во нивната рамка тоа се нарекува финансиска рационализација. Во нашата, тоа не е ништо друго освен – потенцијална национална стапица.

И тука почнува да боде очи временскиот распоред: минатата година се потпиша Договорот за стратешко партнерство меѓу Скопје и Лондон, веднаш потоа започнаа вестите во британски медиуми за „разгледување територии за мигрантски центри“, а на домашен терен се отвора широка јавна дискусија за увоз на работна сила, за олеснување на квоти, за нови системи на привлекување странски работници. Сè изгледа како да се подготвува терен – институционално, медиумски и политички.

Ниеден политичар во земјава не би застанал пред камери и би кажал: „Ќе примиме мигранти од Велика Британија затоа што тие сакаат да ги изнесат надвор од ЕУ системот“. Но истата одлука може многу лесно да помине ако е сервирана со сосема друга содржина: дека тие луѓе не се мигранти, туку обични работници. И дека на Македонија ѝ требаат работници. Дека економијата нема да опстане без нови градежници, возачи, келнери… Дека нашите заминуваат, а некој мора да работи.

И токму тука лежи суштинскиот ризик: миграциската политика, ако се води зад затворени врати, може да се претвори во пазарење со нешто што не смее да биде предмет на пазарење – демографијата и безбедносната стратегија на државата.

Дополнително, сценариото „работници под маска на мигранти“ е совршено решение за Велика Британија, која сака да ја намали бројката на лица што нелегално пристигнуваат на нејзина територија. Ако тие лица не се водат како мигранти, туку како работници ангажирани во земја надвор од ЕУ, Лондон добива политички мир, а земјата домаќин добива финансиски пакет. И токму тоа го прави моделот опасно привлечен – и за едната, и за другата страна.

Но цената на таква одлука ја плаќа третата страна – граѓаните. Социјалното ткиво би се променило. Демографијата би се изменила ненадејно. Локалните пазари би биле преплавени со работници што не дошле по свој избор, туку поради тоа што биле принудени да дојдат. А Македонија би станала дел од европскиот миграциски механизам, но не како рамноправен партнер, туку како приемна зона, нешто што личи на логистичка периферија на туѓи политики.

Лажниот параван „увоз на работници“ е навидум рационален аргумент, но суштински е политички чадор под кој се создава привид на економска целисходност додека вистинските мотиви остануваат длабоко под земја. Во земја каде граѓаните веќе заминуваат масовно, а довербата во институциите е кревка, ова прашање не смее да остане зад затворени врати. Напротив, јавноста мора да знае дали се водат разговори, под кои услови и со какви последици.

Една држава може да издржи сиромаштија, неправда, корупција, па и масовно иселување, но не може да издржи кога некој ќе ѝ го смени демографскиот скелет без да ја праша.

Доколку навистина постои идеја Македонија да прими мигранти во замена за финансиски пакет, тоа не е само економско прашање, туку тоа е прашање за идентитет, безбедност и долгорочна визија за земјата.

Б.Т.