Милевски: Македонија беше многу подобар тим на теренот од Бугарија

од Берта Китинска

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација Благоја Милевски смета дека неговите избраници ја надиграа репрезентацијата на Бугарија на денешниот натпревар од Лигата на нации кој заврши 1:1.

-Мислам дека Македонија беше многу подобар тим на теренот. Не сум задоволен од резултатот. Ги контролиравме настаните, имавме добри ситуации кои не ги реализиравме, но јас сум среќен со изданието на мојот тим, истакна Милевски.

Фудбалерите на Бугарија и Северна Македонија одиграа нерешено, 1:1 во првото коло од Лигата на нации, во рамките на Ц дивизијата.

Во соседското дерби, Бугарите поведоа во 13. минута со голот на Кирил Десподов. До полувремето немаше голови, па на пауза се замина со водство на Бугарија.

По пет минути од почетокот на вториот дел, Македонците израмија.

Милан Ристовски ја затресе мрежата на голманот Михајлов и со тоа го постави конечниот резултат на овој меч, откако до крајот немаше голови.

Во истата група, Грузија славеше во Тбилиси против Гибралтар со резултат 4:0. Во стрелците се запишаа Кварачкелија во 12-та минута, Каши во 33-та, Микаутадзе во 87-ма и Вако една минута подоцна.

Слични содржини