Милиони луѓе би можеле да гладуваат: ОН предупредуваат на последиците од кризата во Ормутскиот теснец

Пречките во пловидбата низ Ормускиот Теснец се закануваат да предизвикаат сериозна глобална прехранбена криза, предупреди Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (УНОПС), наведувајќи дека испораките на ѓубрива и клучните земјоделски суровини се под сè поголем притисок

од Кристијан Димков
35 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/UNOPS

Извршниот директор на УНОПС, Жорж Мореира да Силва, предупреди дека продолжувањето на пречките би можело да има драматични последици по глобалната безбедност на храната, особено во посиромашните и во воено погодените држави кои зависат од увозот на ѓубрива во пресрет на сезоната на сеидба. Според неговите зборови, прекинот на испораките низ овој стратешки поморски премин би можел да турне уште 45 милиони луѓе во глад.

„Ројтерс“ претходно објави дека во тек е дипломатска иницијатива предводена од ОН, со цел да се осигура безбеден премин за бродовите што превезуваат ѓубриво низ Ормутскиот теснец, откако војната на Блискиот Исток речиси целосно го запре сообраќајот низ овој клучен поморски коридор.

Во истиот извештај, „Ројтерс“ наведува и дека ОН се пов икуваат на процените на Организацијата за храна и земјоделство (ФАО), според кои е забележан пад на танкерскиот сообраќај за повеќе од 90 отсто, што директно ја загрозува земјоделското производство и глобалната безбедност на храната.

Мореира да Силва предупреди дека времето истекува бидејќи сезоната на сеидба веќе трае, што значи дека секој подолг застој во испораките би можел да предизвика последици кои ќе се чувствуваат со месеци. УНОПС во своите јавни настапи дополнително нагласи дека е потребен брз политички договор за да се спречи нов бран на глад.

Според „Ројтерс“, УНОПС води интензивни разговори со државите членки во Њујорк за да се воспостави оперативен механизам за премин на комерцијалните бродови кои превезуваат ѓубриво и сродни суровини, без потреба од воена придружба или дополнителни давачки.

Предупредувањето од ОН доаѓа во момент кога многу земји веќе се под притисок на високите цени на храната и нарушените синџири на снабдување, па подолга блокада или продолжување на сериозните пречки во Ормутскиот теснец би можеле дополнително да ја продлабочат кризата во најсиромашните делови на светот