Милошоски: Заев да се спреми за мирна транзиција на власта

од Nikola Popovski

Зоран Заев со вчерашната изјава дека нема да поднесе оставка и дека ја поместува на неопределено време, односно оти тој сакал, но централниот одбор на СДСМ не му дозволил, уште еднаш докажа дека е најголемиот лажго во македонската политика, обвини денеска Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Заев е најголемиот манипулант на Балканот и најголемиот аболиран политичар кој се гребе за уште еден, два или три дена на власт за да си покрие некоја од своите злоупотреби“, посочи Милошоски.

Тој нагласи дека Заев ќе види што ќе се случува во Собранието уште во текот на утрешниот ден кога на Владата, која е во оставка, како што рече, ќе ѝ биде изгласана недоверба.

„Затоа, им порачуваме на Заев, премиерот во заминување, и на неговите најблиски соработници, Филипче и Оливер Спасовски, да се спремат за мирна транзиција на власта и за испорачување на недовербата на Владата и формирање ново собраниско мнозинство и нова влада, која ќе нуди решенија за проблемите што тие ги создадоа“, изјави поранешниот министер од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Слични содржини