Мициќ со магична тројка стиши над 10 илјади навивачи на Олимпијакос, Ефес во финалето

од Nikola Popovski
322 прегледи

Кошаркарите на Анадолу Ефес се првите финалисти на Фајнал фор турнирот на Евролигата во Белград, бидејќи во последната секунда го победија Олимпијакос со 77:74 со тројката на Василије Мициќ.

Првите две четвртини беа речиси идентични. Подобар старт за Олимпијакос, во двата периода отидоа на +7, потоа дојде серијата на Ефес за пресврт. Но, финишот во двете четвртини беше подобар за Пирејците, кои двете четвртини ги завршија со водство.

Сепак, третата четвртина беше поинаква. Ефес ја стегна одбраната, при штоа им проработи шутот за три поени. Две тројки постигна Брајант, а Мициќ со втората тројка на натпреварот го доведе турскиот тим на +11 – 62:51. Сепак, Олимпијакос успеа да го одбие тој налет и со серија од 12-4 успеа да ја намали разликата на три поени пред решавачките 10 минути.

На тој бран, Олимпијакос потполно се доближи во четвртата четвртина. Прво на -1 70:69. Потоа Ефес поведе со 74:70 пред последната минута, но Олимпијакос успеа да постигне четири врзани поени и да израмни на 19,5 секунди до крајот. Ефес го имаше последниот напад, а Олимпијакос реши да се брани. Голема грешка, бидејќи топката дојде до најдобриот играч на турскиот тим, кој ја држеше до самиот крај, создаде позиција и погоди тројка во последната секунда за конечна победа од 77:74, со што буквално ги стиши речиси над 10 илјади грчки навивачи кои дојдоа во Белград да го бодрат својот тим од Атина.

Најефикасен во тимот на Ефес беше Ларкин со 21, Брајант постигна 16, додека Мициќ постигна 15 поени.

Најефикасен во тимот на Олимпијакос беше Шакил Меккисик со 12, додека Тајлер Дорси постигна 11 поени.

Слични содржини