Политичката ескалација на злосторничкиот потфат се одвиваше во текот на 1989, на врвот на југословенскиот развој.

Не сме затекнати во стапицата на минатото, мизеријата на злото ескалира во секоја политичка и културна генерација. Ние сме еден од најсиромашните народи во Европа. Бедата и иселувањето не срозаа на индекс на интелигенција што е понизок од точката на биолошкиот просек, а растот го ветуваат допрва децата родени по 2000. Ако е очигледно дека сме препуштени сами на себе и на подивената, ресталинизирана Москва, заглавени во морето од кал и темнината на ориентализмот, кадешто припаѓа и ова рефеудализирано „слатко“ православие, како да ја отвориме вратата на темниот вилает кој не е само опиплива стварност туку и дијагноза за предрасудите за себе и за другите?
Не поминува ниту ден без да се присетам на одлуката на писателот Мирко Ковач кој, во првите воени денови, замина во мирната, питома позадина на „другата страна“, кај нам најблискиот народ со кој не караат највалканите идеи и најглупавите чувства. Татко ми го сметаше за нашиот најталентиран писател, најчистиот, своеобразен стилист, но не одобрувајќи ги неговиот етички и политички став, заборави дека самиот во своите почетоци, ја реконструирал хрониката на „големата“ декаденција на Дубровничката република, таа исклучителна, длабоко поетична парадигма на односите на двата народа кои само со здружени сили биле способни за големи и трајни потфати, и колективни и индивидуални, и за најгрдите злосторства.
Хрватството и српството едно без друго не постојат, проникнувајќи ги сложените, до недостижност, личности како Руѓер Бошковиќ, Тесла, Мештровиќ, па и Ковач или татко ми (академик Радован Самарџиќ,историчар н.з.) кои, лишени од примесите, инспирациите, знаењето, искуствата на „онаа другата“ култура, би останале суви, празни, здодевни и залудни, пишува професор Никола Самарџиќ во колумната за Данас.
Од онаа страна, разгледувајќи го „мистицизмот на злото“ и „бедата на духот“ на конкретните културни кругови кои ги поттикнаа и охрабруваа убиствата, грабежите и разорувањето, Ковач ги остави и следниве реченици: „Напишав во дневникот дека ми е добро, иако бев очаен, бидејќи гледав секојдневно сцени на страдање и рушење, а знаев дека еден од стратезите на овој пекол е писателот Добрица Ќосиќ, сегашниот претседател на државата која војува. Милошевиќ е само луда глава, демон на популарноста, што би рекол Де Ружмон“.
Тогаш, или многу порано, беше затворен крвавиот круг на страдање и безнадежност, од кој ќе излезат или сите или никој.
Катастрофална економска конјунктура, неповолна географска положба, губење на излезот на море, се поскромни човечки ресурси: ни преостанува само мирот со соседите, трговијата, подвижноста и ефикасните институции. Светот е наизглед подивен, иако никогаш не се живеело подобро, никогаш немало помалку војни, гладни и болни, но помамени се и богатите и сиромашните.
Политичката ескалација на злосторничкиот потфат се одвиваше во текот на 1989, на врвот на југословенскиот развој, кој нема да го повториме без регионална реинтеграција и примена на пофалбите од ММФ на целината на јавната политика.