Пејачот Дилан Картер (24), кој се натпреваруваше во американското шоу „The Voice“, загина во тешка сообраќајна несреќа.
Тој го загубил животот во саботата навечер во сообраќајка во округот Колтон, во неговата родна Јужна Каролина.
Според локалните медиуми, станувало збор за несреќа во која учествувало само едно возило, а се случила нешто пред полноќ.
Младиот пејач требало во понеделник да настапи во својот роден град Монкс Корнер.
Картер ја освои јавноста во 2023 година, кога се појави во 24. сезона на шоуто „The Voice“. На аудицијата ја изведе песната „I Look to You“ од Витни Хјустон, посветувајќи ѝ ја на својата мајка, која починала една година претходно.
Со емотивната изведба ги натера сите четворица членови на жирито – Реба Мекентајер, Најал Хоран, Џон Леџенд и Гвен Стефани – да ги свртат своите столчиња.
„Многу ќе ни недостига“
Дилан за менторка ја избра кантри легендата Реба Мекентајер, која се прости од него со емотивна порака.
– Многу ќе ни недостига. Беше брилијантен, љубезен и талентиран млад човек кој внесе сончев зрак во „The Voice“. Почивај во мир, драг пријателе – напиша таа.