Монасите од Бигорскиот манастир: Ќе има ли одговорност за луѓе од црковните кругови кои соработуваа со убијците и им даваа клеветнички информации?

од Radmila Tasevska

„Што со оние соработници на тој демонизиран убиец – меѓу кои, за голема жал, има и извесни личности од црковните кругови, кои го поддржуваа во неговата злоба, му доставуваа клеветнички информации, го поттикнува на разни начини да го врши делото сатанско – злословието и омразата? Ќе има ли одговорност и за нив или, едноставно, ќе дозволиме и понатаму да се шири канцерот на злобата во нашето општество?“ се вели во реакцијата на монасите од Бигорскиот манастир.

Тие запрашуваат дали ќе се дозволи одговорноста за сиот тој пир на злото да ја понесе само главниот антагонист, а не и тие што нарачувале напади, што ја потпалувале атмосферата и што во лукава притаеност мотивирале.

„Да потсетиме, неколкумина од црковниот клир, како и некои ’верници’, активно учествуваа во ширењето на лажен патриотизам и во заканувачките конструкции, полни со лаги и измислици, што се ширеа преку јавните настапи на првоосомничениот во монструозното убиство. Па, дури и му помагаа да отвори свои ограноци во некои градови, за преку кампањата за ’спасување’ на Црквата да стекне поголема гледаност и повисок политички рејтинг“ велат од Бигорски.

Во нивната реакција, монасите од Бигорскиот манастир исто така посочија дека сега обвинетите за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и пензионерот Панче Жежовски со години ги навредувале и им се заканувале.

„Една од поглавните опсесии на посочениот убиец во текот на последните 2-3 години беше токму нашиот старец и духовен татко, владиката г. Партениј, а преку него и целата наша монашка заедница, како и некои луѓе, наши пријатели, браќа и сестри. Какви ли само навреди, закани и гадости се изнаслушавме од тој мракоподобен човек и од некои негови приврзаници! Дури и отворени повици за протерување, тепање и бесење. И преку социјалните мрежи, но и преку лични контакти. Почнавме да се чувствуваме загрозени, небезбедни, да живееме во неизвесност, во агонија. И говоревме, пишувавме, апелиравме да се преземат мерки за да не дојде до нешто пострашно, но, за жал, нашите повици не беа услишани од нашето општество“, се вели во реакцијата од Бигорски.

Љупчо Павловски Палчо, главниот обвинет за киднапирањата и убиствата во минатото можеше да се види во друштво на владики од МПЦ-ОА, како г. Петар од преспанско-пелагониската епархија и г. Агатангел од повардарската епархија.

Слични содржини