Може ли оставката на Заев да предизвика дополнителна криза во решавањето на спорот со Бугарија?

од Vladimir Zorba

Изборите кај двете најголеми партии завршија, во СДСМ дојде до „смена на врвот“, додека Мицкоски доби нова шанса да го „напаѓа“ премиерското столче. Според политичките аналитичари и двете големи пратии по изборите треба да се адаптираат на сегашните и идни предизвици без разлика на идеолошката ориентација.

Политичкиот аналитичар Ненад Јовановиќ во разговор за „Локално“ вели дека сега СДСМ мора да ги зајакне своите редови и да сфати дека не постои друга политика освен локалната, додека пак ВМРО-ДПМНЕ ќе го користи јазикот на поделби, на шиканирање и дескредитации.

-Во вашето прашање веќе половично се состои и одговорот. Во СДСМ дојде до смена на лидершипот, а во ВМРО-ДПМНЕ би било дегутантно за смена, бидејќи каде се видело Мицкоски да оди против Мицкоски? Од друга страна, кај нас малку логиките се измешани. Со смена на лидерската позиција во СДСМ, уште еднаш таа партија покажува дека е демократска, сензибилна на порази, па се обидува самата да се менува откако локалните избори ја фрлија во демобилизиација. ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш покажува дека не е променета, останува на истите матритици – еден човек, еден лидер; а штом е еден човек и еден лидер, јасно ви е дека таму само еден човек се прашува за се’, вели Јовановиќ.

На прашањето што понатаму, аналитичарот вели дека се плаши дека конфузијата зема голем замав во оваа земја, а таму кајшто има конфузија, најчесто има недостаток на смисла.

– СДСМ мора да настојува да опстои со своето парламентарно мнозинство до 2024 година, секое друго сценарио би било лошо за самата партија. Мора да ги зајакне своите редови и да сфати дека не постои друга политика освен локална. Секоја политика е локална. А што се однесува до ВМРО-ДПМНЕ, тоа треба да ни биде јасно: ќе го користат јазикот на поделби, на шиканирање и дескредитации; друг културен модел во јавниот простор таа политичка партија нема. Тоа е клиентелистичко друштво кое не е тука за политика, туку за освојување на сечија глава и срце во општетството. Таа лекција барем ја научивме, или можеби не? прашува Јовановиќ.

Според политичкиот аналитичар Иво Ранѓеловиќ, кај двете партии нужно е новите раководства да се издигнат над партиските интереси во пресрет на кризите со кој се соочува државата.

– Пред се со Ковид-19, но и со енергетската криза, инфлацијата, како и блокадата над евро-интегративните процеси. Потенцијалот на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ не го гледам во тоа дали ќе ги реконсолидираат старите редови или фрагментни крила во самите партии, туку во обидот да се адаптираат на сегашните и идни предизвици без разлика на идеолошката ориентација, смета Ранѓеловиќ.

Јовановиќ посочува дека новиот лидер на СДСМ мора да истрае во мотивацијата кон членството и поширокото граѓанство.

-Ако имало „дворски игри“ во СДСМ јас тоа го гледам како репозиционирања во самата СДСМ. Но, не е проблемот во СДСМ, проблемот е во коментарите од типот „Сите се исти“ или оние уште поцрни кои велат: „Овие се полоши и од Грујо“. Тоа е катастрофално! Груевски направи толкава црна дупка во нашето општество што санацијата за да ја закрпиме таа дупка ќе ни треба повеќе од десет години. Мора да истрае Ковачевски во мотивацијата кон членството и поширокото граѓанство, мора да се зборува со сите граѓани, да слуша, бидејќи денес граѓаните имаат многу поголема потреба од демократските сили, отколку што тоа би можеле да им го пружат опозиционерите. Луѓето бараат политичари кои ќе им помогнат во своите секојдневни маки, соништа и надежи, и сакам да верувам дека Ковачевски ќе биде таков профил на човек. Човек кој ќе ги сфати, ќе ги мотивира и ќе им помага на луѓето, подвлекува аналитичарот.

За Ранѓеловиќ, поразот на СДСМ е најмалиот проблем, но најголем е причината за истиот.

-Народот ја собори претходната власт со големи очекувања од СДСМ за враќање на правната држава и сузбивање на корупцијата. Се разбира, разочарувањето тежи и на контото на релативниот неуспех кон ЕУ интеграциите. Токму ова се аспектите на кои новиот лидер треба да го фокусира своето делување, а со тоа и партиското, смета политичкиот аналитичар.

Во врска со превирањата во Алтернатива, Ранѓеловиќ вели дека не е убеден во принципиелноста на Реџепи, како ни на ниедна политичка партија во Македонија.

-Оттаму, сметам дека поважно е за Алтернатива да опстои во една влада, отколку Македонија да добие датум. Ако се поведеме од досегашната пракса на домашната политичка сцена, опортунистичко-прагматичниот пристап на партиите ќе им пресуди на принципите. Тоа јавноста добро го знае, објаснува тој.

Нови избори нема да има пред да добиеме датум за преговори со ЕУ

Аналитичарот Јовановиќ смета дека Албанците треба да сфатат дека „најлојален партнер за пријателство, мир и соживот го имаат со СДСМ“.

-И не само тоа, со политиките на СДСМ ќе имаат и извесност. Би апелирал до Алијанса да не си играат пред се со граѓаните Албанци и нивната европска иднина. Да не дозволат Мицкоски да ги „превесла“ бидејќи тоа, во конечноста е десница, а десницата е многу ригорозна кон сите етникуми кои не се ТИЕ. Што во превод би значелно: ако сакаат Албанците да бидат граѓани од втор ред, кој сум јас да ги запрам од прегратките на Мицкоски?, објаснува тој.

Ранѓеловиќ вели дека нови избори нема да има пред да добиеме датум за преговори со ЕУ.

-Таквиот курс е трасиран и негуван од меѓународниот фактор и со тоа тешко може да очекуваме избори на пролет. Тоа не ја засенува легитимноста на барањето на опозицијата, која веројатно би победила на брзи избори. Се на се, изборите ги гледам во дирекна корелација со датумот за преговори, вели аналитичарот.

Во врска со тоа дали ВМРО-ДПМНЕ по најавената доктрина би можела да направи промени и со тоа напредок на државата, Јовановиќ смета дека оваа парија, која е десничарски ориентирана, има „милион лица“.

-Знаете што значи „десничарска сачекуша“? Кога во јавност и во опозиција смислуваш „блага доктрина“ во која си широк, универзален, а кога ќе додјдеш на власт стануваш тврд, ригиден и исклучувачки. Новата доктрина на Мицкоски е таа „сачекуша“: кога сум во опозиција играм „џандар збира“, така ја дизајнира и реториката, а кога ќе биде власт, повторно ќе се сврти кон националистички доктрини кои велат: „ние сме најбројни, вие сите останати ќе бидете гости во нашиот дом“. Немојте да паѓате на Мицковите провокации. Тоа е десница. Таква партија има милион лица, се’ ќе направат само да се доберат до фотељите од извршната власт, објаснува тој.

Аналитичарот Ранѓеловиќ смета дека големата опозициска партија и должи на државата прогресивна политика.

-Реформи во една партија не се доволни ако истите не донесат подобра опција. ВМРО-ДПМНЕ и должи на јавноста прогресивна политика пред се во делот на интегративните процеси. Доколку смета дека има подобра опција од таа, тогаш треба транспарентно да ја пропагира. Сепак, треба да се даде шанса на новата доктрина на оваа партија, смета политикологот.

Не може да очекуваме моментално кревање на ветото

Во врска со најавите на новиот бугарски премиер и 6 месечната рамка, Јовановиќ вели дека надежта во овој момент ни е повеќе од потребна

– Бугарија е земја со огроми проблеми, очигледно, оти зошто би се натегале околу едно ваква – во основа – бесмислено прашање!? Идентитетски политики? Наместо да зборуваме за стандард, заеднички пазар, културна соработка, пријателство, соработка, ние се натегаме за бесмислени теми како некакви „блесави напори околу меѓата“. Сакам да му верувам на Петков дека ќе биде широк, голем и цивилизиран; сакам да верувам дека припаѓа на групата Западни политичари кои ќе најдат компромис и кои ќе го тргнат ветото, а со тоа да ни го отворат патот кон Европа. Велам, сакам да верувам дека Бугарите со Петков ќе ни го отворат патот. Надеж ни е повеќе од потребна, вели тој.

Иако изостанува било каква гаранција за кревање на ветото, Ранѓеловиќ вели дека „шестмесечна рамка е апсолутно прифатлив период“.

-Сметам дека македонската дипломатија треба да има дипломатски сенс за моментумот – фактот дека Петков треба да го оправда сето ова пред бугарската јавност. Не можете да очекувате моментално кревање на ветото од новата влада кога мнозинството во Бугарија (согласно анкетите) го поддржува ветото. Би рекол дека клучен фактор за двете земји да се најдат „на средина“ не е тајмингот туку придонесот на САД и ЕУ, подвлекува аналитичарот.

За тоа дали Заев треба да остане подолго на функцијата, за да биде како дополнителна гаранција на она што ќе се договори со новиот бугарски премиер Кирил Петков, двајцата аналитичари се согласни дека оставката може да предизвика дополнителна криза .

-Тука сум субјективен, а тоа сум го кажал и многу пати до сега. Заев е добар, чесен и праведен човек и политичар. Решаваше проблеми, беше голем, широк и европски. Направи големи работи за оваа земја последниве четири години. Иако, потенцирам уште еднаш: Заев би требало да остане на позицијата премиер како дополнителна гаранција за луѓето кои пред се’ овде живеат, а потоа и како гаранција за договор со новиот бугарски премиер Кирил Петков, вели Јовановиќ.

Политичкиот потенцијал на господинот Заев е достигнат најмногу поради ситуацијата со Бугарија, смета Ранѓеловиќ.

-Тоа не значи дека не е легитимно да остане во наредниот период до евентуално решавање на спорот со Бугарија, бидејќи оставката може да предизвика дополнителна криза. Лично сметам дека е политички и морално мудро господинот Заев токму сега да ја поднесе оставката, вели тој.

Б.М.

Слични содржини