Мукаетов: Задоволството е големо кога еден бренд ќе стане составен дел од животот на луѓето

од Nikola Popovski

Задоволството е навистина големо кога еден бренд ќе стане составен дел од животот на луѓето, нешто во што веруваат со години и чиј квалитет ја оправдува нивната доверба. Но, кога една приказна ќе успее во помали размери, тогаш е нормално да продолжи натаму, изјавил генералниот директор на „Алкалоид“ АД Скопје, Живко Мукаетов, во интервју за српскиот магазин „Профит“.

Тој информирал дека минатата година за компанијата била особено тешка на економски план и исполнета со многу предизвици: здравствени, воени, логистички, енергетски и економски.

-И покрај сите тешкотии, успеавме да ја завршиме со вкупна консолидирана продажба од 239,1 милиони евра, бележејќи раст од 12 % и раст на консолидираната нето-добивка од 12 % во однос на 2021 година. Во однос на функционирањето во кризни услови, продажбата на „Алкалоид“ во 2007 година изнесуваше 69,29 милиони евра, рекол Мукаетов.

Меѓу другото истакна дека сите пазари во регионот на Западен Балкан се мали, но ако зборуваме за регионот во целина, тогаш зборуваме за пазар од околу 20 милиони жители.

-Како компанија која е еден од столбовите на македонската економија, „Алкалоид“ цврсто се залага за изнаоѓање различни синергии во регионот, па дури најдовме и форми на соработка со нашите конкуренти во Хрватска, Србија и во Босна и Херцеговина. Го поврзавме регионот со производствен погон во Белград, хемиска лабораторија во Љубљана и со тим за корпоративни правни работи во Загреб, кажал Мукаетов за „Профит“.

Слични содржини