МЗТ Скопје со план да го организира завршниот турнир од АБА 2 лигата

од Nikola Popovski

МЗТ Скопје Аеродром поднел официјална пријава за организација на завршниот турнир од АБА2.

-Станува збор за добивање можност да се биде домаќин на најдобрите осум екипи од ова натпреварување, што и тоа како би било добро за нашите кошаркари, кои на патот кон АБА-елитата би ја имале поддршката од трибините. Според нашите информации, предводниците на регионалното натпреварување се уште ги прибираат понудите за овој настан, за кој, неофицијално, интерес досега пројавиле и два босански града, Сараево и Бања Лука, соопштија денес од клубот.

Фајналејт-турнирот од АБА2 начелно е планиран за месец април, кога екипите, засега според неофицијални информации, би играле според класичен куп-систем односно само по еден натпревар, наместо по два како што беше лани, по кои решаваше вкупниот кош-количник.

-Ваквиот принцип значи дека домашниот терен ќе биде уште поголема предност, па се надеваме дека раководството на АБА ќе ја земе в предвид богатата традиција на нашиот клуб, како и фактот што сме еден од основачите на сегашното натпреварување и ќе ни направи чест да бидеме домаќини на најдобрите екипи, додаваат од тимот од скопски Аеродром.

Екипата во моментов е второпласиран на табелата со скор 6-1, во пресрет на последните два турнири, кои ќе се одржат во Бања Лука и во Широки, каде што секоја екипа ќе одигра по три натпревари.

Слични содржини