Најлесен рецепт за крофни од рерна

од Stefanija Kuzmanovska

Крофните од рерна се помалку мрсна опција, а еднакво се вкусни како и класичните.

Состојки:

– 500 гр брашно

– 20 гр свеж квасец

– 3 лажици шеќер

– 1/3 лажица сол

– 200 мл топло млеко

– еден ванилин шеќер

– 2 жолчки

– 100 гр растопен путер

– мармалад или чоколаден намаз за полнење

– жолчка за премачкување

– шеќер во прав за посипување

Подготовка:

Изронете ја коцката квасец во 100 мл топло млеко и додадете една лажичка шеќер, па оставете го квасецот да нарасне.

Во поголем сад се додава брашното, се прави мало вдлабнување и се става нараснатиот квасец, шеќерот, ванилиниот шеќер, жолчките, солта и постепено се става во течниот дел од смесата (останатите 100 мл топло млеко и растопениот путер). Полека измешајте сè заедно.

Најдобро е тестото прво да се обработи со спиралните додатоци на миксерот додека не почне да се одвојува од садот, а потоа продолжете со месење со рацете на работна површина.

Кога под прстите ќе почувствувате дека тестото е компактно, оставете го да отстои и да нарасне еден час.

Откако ќе нарасне, замесете тесто, расукајте го и исечете го на 12 дела кои ќе ги обликувате во мали топчиња, а потоа од дното или од страните наполнете со мармалад или чоколадо. Користете шприц со најмалиот додаток за полнење.

Подготвените топчиња ставете ги на тепсија обложена со хартија за печење и секое малку израмнете го за да добие форма на крофна. Покријте ги и оставете ги да отстојат 40 минути.

Кога ќе нараснат крофните, премачкајте ги со жолчка и ставете ги во рерна загреана на 180 степени 15 до 20 минути, додека не поруменат.

Кога ќе се испечат крофните посипете ги со шеќер во прав.

Слични содржини