На „Безбеден град“ му треба Вар-технологија

Луѓе кои патувале во Јапонија добиле мејл дека „поминале на црвено кај Католичка“. Еден човек дури тврди дека во моментот кога го „фатиле“ камерите, бил во Тетово – пеш. Ако навистина трчал со таа брзина до Скопје, па уште и поминал на црвено, треба да го земе ФФМ за репрезентација. Тоа не е прекршок - тоа е спортски подвиг.

од Vladimir Zorba
32 прегледи Фото: ChatGPT

Кога градските власти решија дека „Безбеден град“ ќе нè однесе во една нова ера на урбана дисциплина, никој не претпоставуваше дека ќе нè однесе толку далеку што ќе ни стигнуваат опомени и кога не сме на ист континент.

Луѓе кои патувале во Јапонија добиле мејл дека „поминале на црвено кај Католичка“. Еден човек дури тврди дека во моментот кога го „фатиле“ камерите, бил во Тетово – пеш. Ако навистина трчал со таа брзина до Скопје, па уште и поминал на црвено, треба да го земе ФФМ за репрезентација. Тоа не е прекршок – тоа е спортски подвиг.

Очигледно, системот има сериозен проблем со Вар-технологијата. Да имаш камери, алгоритми и сервери, а да немаш „Вар“ – тоа е како да си купил скап шпорет, а да правиш јајца на око на капакот од тенџерето. Камерите сликаат, серверите мелат, ама никој не гледа што навистина се случило.

Така се добиваат казни за прекршоци кои ни во научна фантастика не би можеле да се случат. За среќа, барем уште не испраќаат опомени за идни прекршоци: „Во четврток во 19:42 ќе поминете на жолто. Ве молиме корегирајте го идното однесување“.

Во меѓувреме, возачите се во состојба на колективен егзистенцијален шок. Лик кој последен пат возел во октомври, добил опомена за брзо возење на 3 декември. „Како?“ – прашува човекот. „Со која кола бе, луѓе? Ја продадов во септември! Или системов е носталгичен па ми ги враќа старите спомени?“

Властите, пак, со мирна душа уверуваат дека „сè е под контрола“. И тоа е точно – само не нивната контрола. Камерите сами си пресметуваат, сами си креираат прекршоци, сами решаваат кому ќе му го уништат денот.

Ова со „Безбеден град“ почнува да личи на авторитарен тостер: го вклучуваш, а тој те кара што не си купил интегрално лепче.

И додека системот не научи барем да брои коли и да препознава дедо на велосипед кај Соборна, ќе се забавуваме со приказни од типот: „Еј брат, ме казнија за погрешно паркирање, а јас бев дома под ќебе!“

Крајниот заклучок е едноставен: нам ни треба Вар-технологија повеќе отколку што им треба на фудбалерите. Барем таму знаеш дека ако ти досудат пенал, некој барем пет пати го гледал инцидентот. Во „Безбеден град“, пак, пенал добиваш дури и ако не си бил на терен.

Ако ова е само „пробна фаза“, замисли како ќе биде кога ќе стартува официјално. Веројатно ќе добиваме опомени и за лоша помисла: „Си помислил да преминеш на жолто во 2021? Еве ти казна.“

До тогаш, возете внимателно. Не толку поради сообраќајот, колку поради камерите кои ве сакаат премногу. Или премалку.

Локален херој