На Турција и се заканува снежно невреме, „Туркиш ерлајнс“ откажа повеќе од 230 летови

од Radmila Tasevska

Лошите временски услови, вклучувајќи снег и температури под нулата, ги попречуваат напорите на спасувачите кои се обидуваат да ги извлечат луѓето од урнатините. Студениот и влажен воздух што се движи низ регионот ќе влијае на напорите за пребарување и спасување по разорниот земјотрес што ја погоди јужна Турција и северна Сирија.

И покрај тоа што почетокот на февруари е најстудениот дел од годината, сегашните температури се пониски од просечните, околу пет Целзиусови степени под сезонските норми, велат метеоролозите на Си-Ен-Ен, пренесува јутарњи.хр.

Се очекува дека температурите ќе продолжат да опаѓаат во вторник, а во југоисточниот регион Газиантеп се очекуваат ниски од-6 степени Целзиусови.

Турската метеоролошка служба предупреди дека Турција ќе биде изложена на снежно невреме, силен дожд и значително опаѓање на температурите низ целата земја, додавајќи дека снежното невреме се движи од Сибир и дека студот ќе трае до четврток. Северозападниот регион Мармара е изложен на ветрови со јачина од 60 до 90 км/ч.

Покрај тоа, Туркиш ерлајнс откажа 238 домашни и меѓународни летови поради снежни врнежи. Во соопштението на компанијата се вели дека откажала 72 домашни летови и 166 меѓународни летови до и од аеродромот во Истанбул на 5 и 6 февруари, поради очекуваните снежни врнежи.

Претходно, гувернерот на Истанбул Али Јерликаја ги повика граѓаните да не возат автомобил освен ако е апсолутно неопходно, од недела навечер, поради снегот и обилните врнежи кои се очекуваат во градот. – На терен дежураат 9.649 вработени. Ќе дежураме на секој агол на Истанбул, со различни описи на работни места. Пазете се од „летечки“ покриви и дрвја – предупреди Јерликаја.

Спасувачката организација „Бели шлемови“, службено позната како Сириска цивилна одбрана, прогласи вонредна состојба во североисточна Сирија.

„Земјотресот резултираше со стотици повредени, десетици загинати и луѓе кои останаа заглавени на зимскиот студ. Неповолните временски услови, вклучително и ниските температури и бурното време, ја влошија и онака страшната ситуација“, се вели во соопштението на Белите шлемови.

И покрај условите, властите побараа од жителите да ги евакуираат своите згради бидејќи се очекуваа нови последователни потреси по понеделничкиот со јачина од 7,8 степени.

Слични содржини