Како што пренесува весникот, новите правила особено се однесуваат на Мариупол, град кој веќе четири години е под руска окупација, каде што властите почнале да бараат од жителите да прибават руски имотни документи за да го задржат правото на своите недвижности.
Според наводите, организациите за човекови права оценуваат дека целта на овие мерки е зацврстување на руската контрола врз окупираните територии, како и доведување во прашање на украинските имотни и територијални побарувања во иднина.
Во текстот се наведува дека новите правила би можеле да доведат до масовни иселувања, што дополнително би ја влошило станбената криза во Мариупол, град кој за време на 86-дневната опсада, според проценките, претрпел уништување или оштетување на поголемиот дел од станбените објекти.
Соговорниците на „Њујорк тајмс“ го наведуваат и случајот на жителка по име Јелена, која од безбедносни причини не сакала да го открие презимето, а која, како што тврди, не може да обезбеди руски документи бидејќи сопственоста на станот е запишана на нејзината ќерка која живее во странство.
Како што се додава, нејзината ќерка во 2024 година се обидела да отпатува во Русија за да го реши имотниот статус, но ѝ бил забранет влезот со образложение дека претставува безбедносен ризик.
Истражувачката на организацијата „Хјуман рајтс воч“, Ксенија Квитка, оцени за „Њујорк тајмс“ дека Русија често им оневозможува на Украинците да се вратат за да ги решат своите имотни прашања.