Најниска стапка на инфлација во последните 20 месеци – наредната година ќе биде 2-3%, велат од СДСМ

од Nikola Popovski

Инфлацијата во септември 2023, според официјалните податоци се намали на 6,6 проценти, што се должи на мерките преземени од Владата предводена од СДСМ во изминатиот период, порачуваат од партијата на власт преку соопштение.

Се истакнува дека ова е најниска стапка на инфлација во последните 20 месеци, откако стапката поттикната од војната во Украина, енергетската криза и нарушените синџири на снадбување, ја достигна највисоката вредност од 19,8 отсто во октомври лани.

-Инфлацијата 11 последователни месеци има тренд на опаѓање, кој ќе продолжи до крајот на годината, кога се очекува да се спушти под 5 отсто, а наредната година да се врати на стапките од 2-3 проценти, како пред кризата, наведуваат од СДСМ.

Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на трошоците на животот во септември 2023 година, во споредба со претходниот месец, изнесува 99.9, а индексот на цените на мало изнесува 99.0.

Намалување на индексите на трошоците на животот во септември 2023 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај свежото и разладеното овошје за 2.7 %, маслото и маснотиите за 1.7 %, свежиот и разладениот зеленчук, освен компирите и другите коренести плодови за 1.3 % и млекото за 0.4 %.

Исто така, намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај воздухопловниот патнички транспорт за 34.8 %, туристичките аранжмани за 7.1 %, производите за домаќинството – нетрајни за 0.8 %, другите печатени материјали за 0.4 %, резервните делови и приборот за сопствените превозни средства за 0.3 %, малите алатки и останатите додатоци за 0.2 %.

Пораст на индексите на трошоците на животот во септември 2023 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај жестоките пијалаци за 2.3 %, јајцата за 2.0 %, виното за 1.9 %, сирењето и урдата за 1.2 %, месото, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 1.0 %, кафето, чајот, какаото за 0.9 %, рибата и морските плодови за 0.7 %, лебот и житата за 0.6 %, прехранбените производи неспоменати на друго место за 0.5 %.

Слични содржини