Народната банка предвидува раст на бруто-домашниот производ од 3,9 отсто годинава и наредната година, а 4 отсто во 2023, во најновите макроекономски проекции. Инфлацијата за годинава е проектирана за 2,2 отсто, што е зголемување во однос на претходната проекција, што изнесуваше 1,5 отсто. Иако цените на храната и енергенсите ќе растат, а животот на граѓаните ќе биде поскап, гувернерката смирува дека овој раст на цените ќе биде привремен.

„Ако зборуваме за тоа кои компоненти би притискале за овој ценовен раст, секако тука влегува храната, тоа е  една од најглавните компоненти. Во линија со очекуваниот раст на цените на храната на светските берзи, а ние сме нето узвозник на храна. И втората компонента е енергијата, се очекува голем раст на цените на енергенсите, особено за нафтата. Кај нас, ако ја гледаме структурата, од што се состои инфлацискиот индекс, ќе се види дека на храната и на енергијата отпаѓа отприлика околу 50%“ – вели Анита Ангеловска Бежоска гувернерка на НБРСМ.

Загрижувачки е јавниот долг, кој веќе ја надмина психолошката граница од 60% од БДП, а според прогнозите би се зголемил за 2,5 проценти поени. Затоа централната банка со порака до државата – внимателно да го троши секој денар.

Ќе расте и извозот и увозот, Раст се очекува и кај инвестициите, како странските, така и домашните и државните. Дефицитот на тековната сметка ќе достигне нешто над 3% од БДП, а ќе се финансира преку приливи и задолжувања.

Главните ризици доаѓаат од пандемијата, дома поради бавната вакцинација на населението, а однадвор поради евентуално побавно закрепнување на најважните трговски партнери, проследено со пониски странски инвестиции и дознаки од иселениците. Предпандемиското ниво економијата ќе го достигне дури догодина. При пролонгирање на последиците од пандемијата, растот ќе биде помал, односно 2,9%.

Слични содржини