„Наследниците на Џонсон“: Лиз Трас и Риши Сунак вербално се судрија на ТВ дебата

од Stefanija Kuzmanovska

Двајцата преостанати кандидати во трката за лидер на конзервативците и наследник на британскиот премиер Борис Џонсон, министерката за надворешни работи Лиз Трас и поранешниот министер за финансии Риши Сунак, синоќа вербално се судрија на телевизиска дебата, на која разговараа за даноците и плановите за трошење.

Министерката Трас, фаворит на обложувалниците за победа на изборите за лидерство на Конзервативната партија, му кажала на поранешниот министер за финансии дека неговиот акцент на балансирање на владините книшки ќе ја доведе економијата во рецесија, објави „Ројтерс“.

– Колапсот на економијата за побрзо да се врати долгот би било огромна грешка – рече Трас.

Сунак, чија оставка од владата претходно овој месец го предизвика падот на Џонсон, рече дека планот на Трас за намалување на даноците „ќе доведе милиони луѓе во беда“ и ќе ги чини конзервативците следните избори.

Кој и да го наследи Џонсон кога резултатите ќе бидат објавени на 5 септември, ќе наследи некои од најтешките услови во Британија во последните децении, истакна „Ројтерс“.

Судирот меѓу Трас и Сунак во ТВ дебатата ги подвлече поделбите во британската владејачка партија околу најдобриот начин за управување со економијата.

– Дали некој мисли дека е разумно да се оди во масовно задолжување во вредност од десетици милијарди фунти и дополнително да се поттикне инфлацијата? – праша Сунак, кој постојано ја прекинуваше Трас.

Брзото истражување на јавното мислење на 1.032 гласачи покажа еднообразен впечаток што тие го оставија кај граѓаните.

Според таа анкета, 39 отсто од британската јавност сметаше дека Сунак е подобар за време на дебатата, наспроти 38 отсто кои рекоа дека подобра е Трас.

Опозициската Лабуристичка партија соопшти дека и двајцата кандидати не понудиле планови за време на дебатата за решавање на растечката криза на трошоците за живот во земјата.

Слични содржини