НАТО претстави план во случај на напад на Русија врз една од членките

од Stefanija Kuzmanovska

Германскиот весник „Билд“ објави како изгледа одбранбениот план на НАТО пактот во случај на напад на Русија врз една од членките.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, истакна дека документот го претставува најголемиот одбранбен план од Студената војна.

Документот, кој содржи повеќе од четири илјади страници, предвидува распоредување на повеќе од триста илјади војници кои би биле на високо ниво на подготвеност, како и поголема автономија на Високата команда на НАТО во донесувањето одлуки во случај на опасност.

Главната команда на силите на НАТО во Европа ќе може, во случај на закана, да донесува одредени одлуки без консултација со други тела на Алијансата.

Германија
Документот, исто така, предвидува дека Германија мора да стане најважниот логистички центар за силите на НАТО, па соодветно на тоа е можно да се отвори и втор штаб на копнените сили на Алијансата во Висбаден, Германија, покрај веќе постоечкиот штаб во Измир, Турција.

Земјите на НАТО од Западна Европа ќе ја преземат улогата на еден вид ментор на нивните партнери на Исток. Германија на тој начин ќе ја преземе Литванија, Велика Британија ќе ја поддржи Естонија, а Канада ќе се грижи за Летонија.

Одбранбениот план на НАТО подразбира зајакнување на заштитата на цевководи и други објекти од критична енергетска и транспортна инфраструктура.

НАТО, исто така, има намера да ги зајакне единиците со тешко вооружување, истовремено зголемувајќи ги резервите на ракетите со долг дострел и артилериски системи.

Економија
Интересен е и економскиот аспект, односно издвојувањето од БДП на секоја членка на Алијансата за трошоци за одбрана.

На самитот во Вилнус, членките на НАТО потврдија дека се придржуваат до планот според кој секоја од земјите да се стреми да ги зголеми средствата за одбрана на ниво од најмалку два отсто од својот БДП.

Слични содржини