Негласањето на Амнестијата ја бранува владината коалиција, опозициските партии сметаат дека е политички трик

од Nikola Popovski
465 прегледи

По скратена постапка пратениците не ја прифатија амнестијата предложена од министерот за правда, Кренар Лога. Мнозинството гласаше против, а министерот смета дека Македонија денес е понеправедна држава од вчера. Сепак вели дека неговата партија, Алијанса за Албанците не излегува од Влада, но смета дека гласањето против е одмазда за тоа што не ги поддржал измените во Казнениот законик.

Дел од опозициските партии сметаат дека ваквиот развој на настаните, може да значи одредена нестабилност во Владата. Според ВМРО-ДПМНЕ, на прашањето за нестабилност внатре во рамки на СДСМ и владеачкото мнозинство и дали станува збор за одмазда внатре во рамки на коалицијата на власта, треба да одговори премиерот Димитар Ковачевски, затоа што, како што велат за „Локално“, додека министрите во влада даваат поддршка, пратениците на собраниска седница гласаат против.

Истакнуваат дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ е јасен, тоа е закон кој што го руши начелото на правда и ги наградува оние кои што биле санкционирани од правосудниот систем и тоа наградување е селективно направено во комуникација помеѓу партиите на власта кои од политички опоненти сега станаа политички сојузници.

-Без разлика на случувањата во и помеѓу другите политички партии, она што е сигурно е дека на следните избори ВМРО-ДПМНЕ ќе освои убедлива победа иако власта се обидува со сите можни механизми да го намали сопствениот пораз, победата ќе биде убедлива, порачаа од најголемата опозициска партија.

Од Алтернатива порачуваат дека Законот за амнестија, предложен од Владата и неизгласањето од владејачкото мнозинство е знак дека тука имал некој таен договор помеѓу Алијансата за Албанците и другите партнери во владата, бидејќи, како што велат за „Локално“, „во спротивно би требало да веруваме во парадоксот дека владата е против себеси. Ако тие се предлагачи, како може да бидат против себе?“.

-Нестабилноста на владата не се состои во недоразбирањата, туку во евтините политички игри, кои ги вршат на грб на граѓаните, во овој случај на затворениците и недолжните осудени граѓани, ни порачаа од партијата на Африм Гаши.

За ставот на Лога дека вчерашното негласање е одмазда поради што тој не ги поддржал измените на КЗ, од опозициската партија ни рекоа дека е политички трик, бидејќи ако Алијансата за Албанците била против Кривичниот законик, имала средства тоа да сопре.

-Но, тие биле неми и пасивни во тој однос. КЗ поминал низ Министерството за правда, а Алијансата божем бил против. Како да им веруваме? Како и да е, неизгласувањето на законот за амнестија и образложението дека тоа е одмазда за КЗ е евтин политички трик. Секако, ако Алијансата има толку проблеми во владата, има можност да излезе, бидејќи да бидеш министер за правда, а да кажеш дека Северна Македонија е неправедна држава, тоа е врв на парадоксот. На чија правда служиш ако си министер за правда, а обвинуваш за неправда?, прашуваат од Алтернатива.

Децидни се дека албанскиот политички блок е најсплотен од било кога.

-Од една страна сме ние – здружената албанска опозиција, а од друга страна се владините албански партии – ДУИ, Алијансата и ДПА. Секој е таму каде сака да биде. Ние уште чекаме и Алијансата да ја разбере важноста на моментот за испраќање на ДУИ во опозиција, но тоа е нивна одлука, стои во ставот на партијата која претходно беше дел од власта.

Од Демократскиот сојуз во разговор за „Локално“ велат дека Владата едногласно гласаше за Законот, а потоа во Собранието не го поддржаа пратениците. Според генсекот на партијата, Зоран Димитровски има сериозни притисоци врз македонското судство, во што спаѓа и предлог-Законот за амнестија.

-Со овој закон требаше да се ослободат еден куп криминалци, блиски соработници до одредени партии на власта, кои што би се употребиле во предизборни цели. Од друга страна, да се задоволат апетите на одредени партии за гласови за изборите, како на пример партијата Алијанса за Албанците. Сега се случи еден политички конфликт во Владата, кој што е предизвикан од сериозниот притисок од меѓународната заедница, за СДСМ да не влегува во тој закон, ни кажа Димитровски.

Смета дека АА е во тешка политичка состојба, бидејќи како што вели, одлучиле да влезат во Владата кога почнала да се распаѓа.

-Влезе во Владата од лукративни причини затоа што тие ако се принципиелно против измените на КЗ, донеле сопствен став дека ќе бараат и уставни измени за да не застаруваат кривичните дела за функционерите. И сега за нив беа против да се усвојат измените на КЗ, а тогаш зошто се прифатливи да се усвојат измени на закон каде што голем криминалци ќе бидат ослободени од казна затвор. Тоа што го правеше Лога со делењето фотографии од затворите е позната состојба. Зошто Владата во поранешните два мандати не направи ништо за да ги подобри условите во затворите? Условите посебно во притворските одделенија се ужасни и треба нови крила и стандардни услови, особено во „Шутка“. Самите видовте конфликт во СДСМ кога министерот Спасовски на почеток велеше дека е против овој закон. Коалицијата треба отворено да кажат дали се за или против. Очигледно и Владата и СДСМ одлучиле да не го поддржат законот. Не знаеме каква е состојбата со ДУИ, заклучува Димитровски.

Н.П.

Слични содржини