„Немаат можност да заработат“: Џорџ Клуни се приклучи на штрајкот на своите колеги во Холивуд

од Stefanija Kuzmanovska

Холивудските актери неодамна се приклучија на штрајкот на сценаристите и прекинаа со работа.

Околу 160.000 уметници излегоа на штрајк во исто време во Лос Анџелес, затворајќи го најголемиот дел од американската филмска и ТВ продукција, што е најголемото затворање на индустријата во повеќе од 60 години.

Актерите се приклучија на Здружението на писатели на Америка, кое започна штрајк на 2 мај, по нивниот обид да постигнат договор со Алијансата на филмски и телевизиски продуценти (AMPTP), чадор група која ги претставува студијата како Дизни, Нетфликс, Амазон и Епл, помина неуспешно, пренесува Би-Би-Си.

Здружението на филмски актери (SAG) сака стриминг гигантите да се согласат на поправедна распределба на профитот и подобри услови за работа. Исто така, актерите истакнаа дека сакаат гигантите да ги заштитат од дигитални реплики.

Синдикатот бара гаранции дека вештачката интелигенција (ВИ) и компјутерски генерираните лица и гласови нема да се користат како замена за актерите. За време на штрајкот, актерите не можат да се појавуваат во филмови, па дури и да промовираат филмови кои веќе ги снимиле.

Џорџ Клуни им се придружи на многубројните колеги и рече дека штрајкот на актерите претставува пресвртница во индустријата.

„Голем број актери и писатели немаат можност да заработат за живот. За да опстане нашата индустрија, тоа мора да се промени. За актерите, тоа патување започнува токму сега“, изјави Клуни за Си-Ен-Ен.

На списокот на штрајкувачи се најдоа и Мет Дејмон, Маргот Роби, Роберт Дауни Џуниор, Сузан Сарандон, Хоакин Феникс, Мерил Стрип и многу други.

Слични содржини