Невил со јасна порака до Де Јонг и Барселона: Сопрете го малтретирањето

од Vladimir Zorba

Легендата на Манчестер Јунајтед, Гери Невил испрати јасна порака до Френки де Јонг и неговата ситуација во Барселона. Холандскиот играч за врска на секој начин бил убедуван од раководството, вклучувајќи го и менторот Чави, дека или треба да си замине или да се откаже од најмалку 40% од платата за да остане на „Камп Ноу“, како што посакува играчот.

Според Невил, Де Јонг треба да преземе правни мерки против клубот, а сите негови соиграчи да го поддржат, бидејќи ситуацијата е неморална и ги нарушува договорните односи, па дури и според некои аналитичари се граничи со ментално вознемирување.

„Де Јонг треба да размисли за правна постапка против Барселона и сите играчи треба да застанат покрај него! Клуб кој троши цело богатство на нови играчи без да ги плати оние кои имаат договори е неморално. ФИФПро мора да се спротивстави на ова малтретирање и да го спречи“, напиша Невил на Твитер.

Шпанскиот печат објави дека платата на играчот од средниот ред за следната година би требало да биде околу 11 милиони евра, но шефовите се апсолутно децидни дека нема шанси да остане со Каталонците доколку не се откаже од најмалку 4 милиони евра.

Барселона продолжува да должи меѓу 17 и 18 милиони евра за одложени исплати за изминатите три сезони како резултат на финансиската криза со која се соочи клубот како резултат на пандемијата Ковид-19.

Воедно, Каталонците досега на трансфери потрошија 103 милиони евра, а се очекува оваа сума да се зголеми во наредните недели.

Слични содржини