Никол Кидман: Осаменоста е убиец – осакатува и предизвикува болка

од Stefanija Kuzmanovska

Велат дека осаменоста е убиец. Осакатува и предизвикува толку многу болка… Да, и јас бев осамена, и тоа е многу, многу, многу тешко, рече актерката Никол Кидман за „Гламур Велика Британија“. Во ова интервју, таа отворено зборуваше за својата работа, кариера и брак.

Познатата актерка Никол Кидман изгради импресивна холивудска кариера која трае три децении.

Меѓутоа, освен со неверојатни успеси, професионалниот пат на оваа холивудска дива беше обележан и со многу падови. Ѕвездата на филмовите „Грејс од Монако“ и „Заложници“ зборуваше за нив во ексклузивното интервју.

Таа позираше за насловната страница во нејзиниот дом во Нов Јужен Велс, Австралија.

„Велат дека осаменоста е убиец. Осакатува и предизвикува толку многу болка… Да, и јас бев осамена, и тоа е многу, многу, многу тешко… Осаменоста е всушност епидемија“, призна актерката, додавајќи:

„Работата на актерка бара вежбање на одредена „психолошка дисциплина“. Користам и истражувам низ моите чувства за улогите, а потоа се враќам во реалниот живот. Со текот на времето, морав да научам како да се заштитам, бидејќи тој процес на дејствување може да биде психички многу исцрпувачки. Затоа е потребно да се најде начин да се балансираат сите тие емоции“.

Актерката истакнала дека хармоничниот брак со кантри музичарот Кит Урбан ѝ помага да го одржи менталното здравје.

„Моето срце и мисли се во моментов со сите оние луѓе кои ја немаат таа посебна личност кај која можат да отидат и која ќе биде покрај нив… Јас сум благословена затоа што Кит и јас имаме многу добри односи. Нашиот брак е многу смирувачко и утешно место за мене, а тој е многу силен, топол и љубезен човек. Среќна сум што го имам тоа во мојот живот и во овој осамен свет“, вели оскаровката.

И покрај повеќекратните признанија во филмската индустрија, Никол истакнува дека мајчинството е сепак нејзината најскапоцена улога.

„Ми се допаѓа чувството да се грижам за луѓето, тоа е моја радост и нема никаква врска со барање нешто за возврат“, вели таа.

Да потсетиме, актерката и музичарот имаат две ќерки – Сандеј и Фејт, а со нејзиниот поранешен сопруг, колегата Том Круз, има две посвоени деца, Изабел и Конор.

Слични содржини