Николоски: Смешно е да се тврди дека 14 лица загинаа поради кабел

од Nikola Popovski

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски смета дека СДСМ и ДУИ преку обвинителството во Тетово си нарачуваат извештај каков што им одговара со цел да скријат одговорност. Според него, најодговорен за целиот случај е министерот за здравство, Венко Филипче, бидејќи тој е одговорен за изградбата на модуларните кои се во неговото министерство.

-Не сум изненаден. Во најмала рака смешно е да се тврди дека 14 човечки животи се загубија поради некаков кабел. Во исто време дури и да е така како што тврди тетовското обвинителство, повторно одговорноста е кај Венко Филипче затоа што тој е министер за здравство и тој е најодговорен за изградбата на модуларните болници и за нивното функционирање, затоа што тие се во рамките на Министерството за здравство и знаеме дека со промените на Законот за градење целосно е прескокната процедурата на кој начин истите требало да бидат изградени, рече Николоски.

Според Основното јавно обвинителство, со вештачењето се утврдува дека пожарот настанал како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби. Прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжителниот кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат.

Слични содржини