Нова студија покажува дека вакцината на Фајзер штити во 75 отсто од случаите по првата доза

од Stefanija Kuzmanovska

Вакцината на „Фајзер“ штити од инфекција со коронавирус во 75 отсто од случаите, покажа новата студија објавена во списанието The Lancet.

Студијата го испита ширењето на вирусот меѓу израелските здравствени работници и откри дека вакцината е ефикасна во спречување на развој на симптоми веќе по првата доза.

Во студијата учествувале 7.000 здравствени работници од медицинскиот центар Шеба во Израел – најголемата болница во земјата, пренесува „Индипендент“.

Коментирајќи го истражувањето, Дебора Дан-Волтерс, претседател на британското друштво за имунологија и професор по имунологија на Универзитетот во Сари, рече:

„Заради високиот процент на израелска популација која досега беше вакцинирана, очекувавме податоци што укажуваат на првите знаци за тоа колку се ефективни вакцините против ковид надвор од клиничките испитувања и како распоредот на дозирање влијае на тоа“, рече Дан-Волтерс.

„Треба да се напомене дека оваа студија е спроведена на луѓе на работоспособна возраст, па затоа би било корисно да се види слична студија кај постари лица по единечна доза. Иако се потребни дополнителни истражувања, во целина, овие нови откритија треба да обезбедат сигурност во врска со одлуката на Обединетото Кралство да понуди две дози од вакцината, со растојание од 12 недели“, додаде таа.

Таа рече дека иако студијата покажала дека пациентите развиле добро ниво на имунитет по една доза, најдобрата и најдолготрајна заштита се добива само по втората доза.

„Клучно е сите луѓе кои ги исполнуваат условите за вакцинација против ковид да се вратат по втората доза кога тоа ќе го побараат нивните лекари“, посочи таа.

Д-р Питер Инглиш, советник за контрола на заразни болести и поранешен уредник на списанието Vaccines in Practice, ги опиша откритијата како „добра вест“, но додаде дека достапните податоци се прилично ограничени.

Слични содржини