Ново судење на Навални денеска, му се закануваат уште 30 години затвор

од Stefanija Kuzmanovska

Затворениот руски дисидент Алексеј Навални ќе се соочи со ново судење за обвиненијата за екстремизам, кое започнува денеска.

Правниот случај се очекува да се занимава со обвинувањата за екстремизам, пренесува „Хина“.

Според адвокатот на Навални, Московскиот градски суд ќе заседава во казнен камп на 260 километри североисточно од главниот град, во судење затворено за јавноста.

Доколку биде прогласен за виновен, на 47-годишниот Навални, најистакнатиот противник на рускиот претседател Владимир Путин, му се заканува уште 30 години затвор.

Тој веќе отслужува деветгодишна затворска казна, од која досега одлежа повеќе од две години.

Вкупно, судството формулираше седум нови обвиненија, вклучително и основање и финансирање на екстремистичка организација и минимизирање на нацизмот. Навални ги негира обвинувањата.

Навални, кој е меѓународно најпознатиот руски дисидент, беше отруен со нервен агенс новичок за време на патувањето во Сибир во летото 2020 година.

Тој ја обвинува руската домашна тајна служба ФСБ дека стои зад труењето. По лекувањето во Германија, тој се врати во Русија и покрај тоа што му се закануваше затворска казна.

Слични содржини