Објавени видеа од апсењето во Истанбул: Ова е жената која ја активираше бомбата (ФОТО)

од Stefanija Kuzmanovska

Турската полиција соопшти дека извршител на бомбашкиот напад во Истанбул е Ахлам Албашир, државјанка на Сирија. Таа е уапсена за време на полициска акција и е одведена во притвор.

„Лицето кое го изврши нападот, сириската државјанка Ахлам Албашир, беше фатена жива. При сослушувањето, таа призна дека била обучена како специјален разузнавач од терористичката организација ПКК/ПИД/ИПГ и дека илегално влегла во Турција преку Африн- Идлиб за да ја спроведе акцијата“, соопшти истанбулската полиција.

Од друга страна, министерот за внатрешни работи Сулејман Сојлу утрово изјави дека имаат проценка дека наредбата за акцијата стигнала од Кобане.

„Сметаме дека сторителот поминал низ Африн“, рече тој утрово.

Албашир наводно наредбата за нападот ја добила од штабот на терористичката организација ПКК/ПИД/ИПГ во Кобане, Сирија. Таа признала дека го извршила нападот вчера околу 16:20 часот и побегнала.

Во ЕУ и во САД, ПКК има статус на терористичка организација, забележува агенцијата ДПА.

Авенијата Истиклал беше цел на терористички напад и во 2016 година, кога бомбаш самоубиец уби четири лица, а рани 39. Турската влада тогаш објави дека напаѓачот е поврзан со Исламската држава, но таа не презеде одговорност, посочува ДПА.

Слични содржини