ОБСЕ, УНХЦР, Министерство за правда, МТСП ги зголемуваат заложбите за ставање крај на бездржавјанството

од Vladimir Zorba

Мисијата на ОБСЕ во Скопје, заедно со Претставништвото на УНХЦР во Северна Македонија, Министерството за правда, Министерството за труд и социјална политика и Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, започнаа регионална работилница наменета за поддршка на земјата во нејзините заложби да се стави крај на бездржавјанството.

„Северна Македонија стана лидер во регионот, како и на глобално ниво со тоа што го направи национален приоритет да се стави крај на бездржавјанството до крајот на 2023 година,“ изјави амбасадорот Килијан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје. „Тоа е амбициозна, но остварлива цел и Мисијата, заедно со УНХЦР, со задоволство го поддржува овој процес.“

„Горд сум што станавме прва земја во Европа, како и  втора земја во светот која го решила успешно проблемот со неевидентираните лица. Очекувам дека до крајот на 2023 година овие лица да добијат идентитет и што е најважно, конечно ќе можат да ги остварат нивните уставно загарантирани човекови права без да им биде ограничен пристапот до образование, здравствена и социјална заштита,“ потенцираше министерот за правда Кренар Лога.

„Непоседување на основната лична документација е проблем со кој се  соочуваат најчесто припадниците на социјално ранливите групи и тоа токму во моментот кога истите ќе поведат постапки пред надлежните органи – Центри за социјална работа, здравствени институции, Агенција за вработување на Република Северна Македонија заради остварување на основните човекови права,“ истакна министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, додавајќи дека „Северна Македонија развива општество во кое граѓаните независно на која етничка заедница припаѓаат, [треба] да се чувствуваат безбедни и да имаат еднакви можности за личен развој и напредок.“

„УНХЦР го поздравува големиот напредок постигнат од Северна Македонија за справување со бездржавјанството и се надева дека со усогласената имплементација на најновите измени на Законот за матична евиденција усвоени од Собранието во јуни и напорната работа на вработените во Управата за водење матични книги, сите оние кои немаат извод од матична книга на родените и оние кои моментално се привремено регистрирани ќе ги уживаат своите права како горди граѓани на земјата,“ додаде Кристина Бунеа, в.д. претставничка и одговорна офицерка во Претставништвото на УНХЦР во Северна Македонија.

Целта на серијата регионални работилници организирани од Мисијата на ОБСЕ во Скопје и УНХЦР низ земјата е да се обучи административниот персонал за практична примена на новоусвоените измени и дополнувања на Законот за матична книга на родените во врска со задоцнета регистрација на нерегистрирани лица во Северна Македонија.

Слични содржини