Од јакна во маица: Зошто имаме натпросечни температури за овој период од годината?

од Nikola Popovski
601 прегледи

Пролет во зима – вака кратко може да се опише временската прогноза која веќе речиси една недела ја зафати државата. Иако утринските и ноќните температури се пониски, преку ден имаме сонце и време кое е натпросечно топло за овој период од година. И до крајот оваа недела метеоролозите најавуваат натпросечно топло време и до 19 степени Целзиусови и покрај тоа што е месец февруари. Многумина се прашуваат што е причината за ваквата појава, исклучок од екстремните временски услови или последици од климатските промени?

Познатиот метеоролог Славчо Попоски во разговор за „Локално“ вели дека ова се случува поради феноменот „Ел Нињо“ под чие влијание сме во моментов и истиот носи потопло време. Според него, ваквиот феномен ќе продолжи се до крајот на летото или почетокот на есента, кога ни започнува ладниот феномен „Ла Ниња“.

-Моите последни објави беа поврзани околу снегот и дали истиот воопшто ќе го имаме оваа зима, барем засега нема никакви најави за снег, дури и во втората половина од овој месец барем според моменталните наблудувања и следења шансите за снег се многу мали кај нас, како и во поголемиот дел од европскиот континент. Но тоа не значи дека се до крајот на зимата ќе поминеме без студови па и без снег, тврди метеорологот.

Славчо Попоски

Попоски објаснува дека во март секако се очекуваат повремени заладувања кои би можеле да донесат снег, но генерално очекува натпросечно топло време се до крајот на оваа зима, без некои екстремни студови.

-Што се однесува до врнежите, тие особено по 10 февруари, односно од овој викенд ќе бидат натпросечно високи, што значи дека влегуваме во циклонален, влажен и нестабилен период. Овој викенд ќе дува и силен ветер од јужен правец (повремено и локално со брзина од над 70 км/час). Поради изразеното јужно и југозападно воздушно струење, од Сахара кон нашата територија ќе се врши транспорт на прашина и на песок, со што и атмосферата ќе биде заматена, а дождот кој го очекуваме ќе биде валкан, додава соговорникот.

Сепак и покрај оваа голема промена на времето, истакнува Попоски, температурите ќе бидат натпросечно високи и на повеќе места ќе надминуваат 10 степени. Оваа промена лошо ќе влијае особено кај метеопатите, каде се можни поголеми здравствени проблеми.

За ладниот феномен „Ла Ниња“, кој метеорологот очекува да се појави на почетокот на есента во септември, вели дека во иднина ќе донесе се постудени зими и повеќе снег, што значи дека зимите во иднина ќе бидат се поостри и поснежни и според него, ова е нормален процес низ кој земјата поминува.

Слични содржини